Кетрин Ештон вечерва ќе ја пречека водечката политичка тројка од Србија во Брисел без документ со решенија и покрај стравувањата во Србија дека претседателот Томислав Николилќ, премиерот Ивица Дачиќ и вице-премиерот Александар Вучиќ ќе добијат “нон-пејпер“ (документ) од шефицата на европската дипломатија.
Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, средбата на Ештон со Николиќ, Дачиќ и Вучиќ е планирано да започне вечерва во 19:00 часот и се очекува истата да трае два-три часа, а е закажана со цел од првите луѓе на нашиот северен сосед да се добие потврда дека целата политичка власт во Србија стои зад дијалогот Белград-Приштина.
– Гледаме дека се појавија некакви информации и изјави на српските политичари, но можам да потврдам дека не постои никаков “нон-пејпер“ (документ). Денеска е расправа во контекст на дијалогот Белград-Приштина, кој е во клучна фаза и е важен за напредок на Србија и во тој правец одат овие консултации – изјави портпаролката на Ештон, Маја Коцијанчиќ.
Според гласноговорничката од Европската дипломатска служба (ЕЕАС), Ештон разговара со луѓето кои партиципираат во дијалогот, а тоа се двајцата премиери Дачиќ и Хашим Тачи, додека дијалогот е процес кој е почант пред повеќе месеци и од страна на Европската унија истиот е дефиниран во рамки на заклучоците на Европскиот совет во декември минатата година.
Инаку, високи извори од официјален Брисел, а кои инсистираат на анонимност, денеска брифираа дека причината поради која баронесата на чело на европската дипломатија ги повика српскиот претседател, премиерот и неговиот заменик на заедничка сребда во Брисел е поради тоа што “постојат коалицисики влади и различни надлежности, па ЕУ сака целата политичка елита од Србија да биде вклучена во процесот за да може да се спроведе договореното“.