Поранешниот хрватски репрезентативец и тренер на Загреб, Ивица Обрван, е најсериозниот кандидат да биде новиот селектор на македонската сениорска ракометна репрезентација. Опцијата Лино Червар да седне на селекторската клупа е се помала, што тоа го најави и новиот претседател на РФМ, Живко Мукаетов. Се уште трае конкурсот што го распиша РФМ, по што новоформираната комисија составена од Гордана Нацева, Никола Панчевски и Ѓорѓи Тренковски, ќе ги разгледа кандидатурите.
Kако што неофицијално дознава „Дневник“ за Ивица Обрван е разговарано преку посредници и тој прифатил да биде селектор. Зад себе има тренерска кариера во Метковиќ, Горење, Загреб. Kако играч има бронза за Хрватска на ЕП 1994 и злато на Медитеранските игри 1993 година.
Беше сменет лани од тренерската функција откако Вардар го победи Загреб во полуфиналето на СЕХА-лигата.
„Веќе е распишан конкурс за нов селектор, а рокот според тој конкурс истекува в среда. Веднаш потоа ќе биде извршен изборот на нов кормилар, по што ќе одржиме нова седница на УО за предлогот да биде прифатен. Според нашите очекувања, сево ова треба да се случи до петок“- изјави Мукаетов на конститутивната седницата на новиот УО на РФМ.
Првиот сериозен предизвик за новиот селектор, кој треба да го наследи Звонко Шундовски, ќе биде двомечот со Шпанија во квалификациите за ЕП 2014 година. По тие два меча ќе биде познато колку сме блиску или далеку од завршницата на ЕП. Со една победа, ќе бидеме со подотворена врата кон Данска, а, во спротивно, ќе мораме ја победиме Португалија со осум гола во Скопје, да триумфираме на гости кај Швајцарија и да чекаме Шпанија на гости да ја победи Португалија.