Активностите поврзани со процесот на евроатлантска интеграција во Босна и Херцеговина, како и усогласувањето на општествено-политичкиот систем на БиХ со законодавството на ЕУ, се во центарот на политичкиот развој во земјата, рече претседавачот со претседателството на БиХ, Жељко Комшиќ, во говорот пред Генералното собрание на ОН.
Тој додаде дека билатералните односи на Босна и Херцеговина и соседните земји се на врвот на приоритетите на надворешната политика, врз основа на кои треба да се направи континуирано подобрување на соработката, засновано врз заедничкиот интерес и принципите на еднаквост, взаемно почитување и почитување на државниот суверенитет и територијалниот интегритет.
– Од наведеното би се заклучило дека односите на Босна и Херцеговина со соседните земји се добри и интензивни, меѓутоа, поради посебните политики на нашите соседи, повремено сме сведоци на нивните активности за остварување на нивните политички интереси во рамките на Босна и Херцеговина. Со тоа се внесува немир и одредена дестабилизација во мојата земја, што не е добро, ниту, пак, придонесува за развој на посакуваните добрососедски односи, рече претседавачот со претседателството на БиХ.
Според него, Босна и Херцеговина мора да обезбеди уставни реформи, како и реформи на разни закони, кои мора да го исполнат европскиот стандард, како што е еднаквост на сите граѓани на Босна и Херцеговина во сите аспекти на животот.
– Тоа ќе бара согласност од домашните политички чинители, со што ќе се отстранат пречките за продолжување на процесот на интеграција кон Европската унија, рече Комшиќ.