Ракометарките на ЖРК Вардар СЦБТ утре со почеток во 17:00 часот во Автокоманда му гостуваат на ЖРК Металург во натпреварот од 12.коло во Скопско супер лигата.
Дуелот меѓу двете најдобри и двете единствени непоразени екипи во македонскиот шампионат има предзнак на големо дерби и борба за водечката позиција на табелата и во македонскиот женски ракомет. Од таборот на ЖРК Вардар велат дека се комплетни, добро подготвени и максимално мотивирани за утрешното гостување во Автокоманда.
„Подготвени сме за овој дуел. Добро тренираме и посебно сме концентрирани на одбраната која мислам, е најважна. Сигурна сум дека имаме сили да се спротивставиме на Металург. Тие се добра екипа и силен противник, но ние веруваме во себе и во силата на нашиот тим. Верувам дека можеме да се претставиме во добро светло, да одиграме добар натпревар, па зошто не, и да победиме“ – вели левиот бек на Вардар, Марија Штериова.
Ова ќе биде четврта меѓусебна пресметка меѓу ЖРК Вардар СЦБТ и ЖРК Металург сезонава. Двата натпревари од Регионалната лига ги доби Металург, а првиот натпревар од Скопско супер лигата во СЦ „Борис Трајковски“ заврши нерешено – 26:26. На ред е вториот дуел во Автокоманда што ќе биде шанса да се покаже вистинскиот квалитет и увертира пред борбата за титулата во плеј-офот.
„Има ривалство и конкуренција и токму затоа и на двете страни се посакува победа во овој дуел. Мислам дека мотивацијата и желбата за победа се најважни на вакви натпревари, но решавачка ќе биде играта во одбраната. Ако имаме добра одбрана ќе имаме и полесна реализација во нападот и добар резултат“ – додава Штериова.
Стратегот на „Вардарки“, Индира Кастратовиќ вели дека нејзината екипа започнала се подобро да игра, но и додава дека пред дуелот со Металург притисок постои, барем мал засега.
„Притисок има, барем мал засега. Не сме многу оптоварени. Играме се подобро и за мечевите од плејофот ќе бидеме целосно подготвени. Ќе се бориме и за таа предност на домашен терен, бидејќи може да донесе за нијанса подобра ситуација“ – вели Индира Kастратовиќ, тренерот на ЖРК Вардар.