Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави денеска дека нема апсолутно никакви шанси Москва да му каже на сирискиот претседател Башар ал Асад да поднесе оставка.
Лавров изјави за Би-Би-Си дека Русија не учествува во каква било игра за промена на сирискиот режим.
Главната опозициска група Сириската национална коалиција долго време инсистираше дека Асад мора да си замине од власт, пред да почнат мировните преговори.
Лавров изјавата ја даде во пресрет на посетата на Лондон следната недела, каде ќе разговара со британскиот министер за надворешни работи Вилијам Хејг.
Двете земји соопштија дека главна тема на разговорите ќе биде сириската криза. Русија е близок соработник на сириската Влада и главен снабдувач со оружје на таа земја,
– Можам само да кажам дека не е наша работа да одлучуваме кој ќе ја води Сирија. Тоа е прашање за кое треба да одлучат Сиријците, рече Лавров и додаде дека Русија е против мешање во внатрешните судири.
Лавров нагласи дека Русија и Велика Британија имаат иста цел во Сирија. – Двете земји сакаат Сирија да биде единствена, демократска. Двете земји сакаат сирискот народ слободно да го избере начинот на кој ќе ја води својата земја, додаде Лавров.