Обединети нации предупредуваат дека околу два милиони луѓе во Сомалија би можеле да починат од глад и ја повикаа меѓународната заедница да пружи поголема поддршка.
Генералниот подсекретар на ОН, Марк Лоукок на крајот од дводневната посета на Сомалија истакна дека повеќедецениските судири и недостигот на инвестиции ја поткопаа способноста на Сомалија да се избори со повторените хуманитарни кризи, а сушите се се почести и поинтензивни, а сезоната на дождови предизвикува чести поплави.
Анализата за безбедност на храната на ОН покажува дека жетвата од април до јуни е полоша од жетвата во 2011 година, што е последица на ретките дождови, што повторно предизвикаа поплави.
– Според прогнозите околу шест милиони луѓе ќе се соочат со проблеми поврзани со пристапот до основните животни производи во следните неколку месеци. На една третина од нив им се заканува целосен недостиг на храна, ако не добијат помош, посочи Лоукок.
Поради природните катастрофи и судирите во Сомалија околу 2,6 милиони луѓе беа принудени да ги напуштат домовите.
Голем број луѓе, посебно земјоделците номади се уште се справуваат со последиците од долготрајната суша во 2017 година, поради која Сомалија беше доведена на ивица на глад.