Среде ескалацијата на вооружениот конфликт, откако француската армија интервенираше во јануари оваа година, со извештаите кои главно се сведуваа на деталите на судирите, од Мали доаѓа и една добра вест. Над 80% ракописи со непроценлива вредност, спасени се од малискиот град Тимбукту пред да започне конфликтот помеѓу милитантите и армијата. Ракописите биле префрлувани со автомобили од Тимбукту во главниот град Бамако. За потсетување, претходните извештаи говореа дека повеќето ракописи беа уништени во Тимбукту.
Сепак, повеќе од 200.000 документи се уште не се префрлени на безбедно, пренесува германскиот Шпигел, цитирајќи ги информациите на германското Министерство за надворешни работи кое беше вклучено во организирање на трансферот на документите од Тимбукту. Информациите велат дека документите, од кои некои датираат од 13-тиот век, се транспортирани со автомобили и тајно донесени во Бамако. Во некои автомобили луѓето документите ги пренесувале скриени под овошје и зеленчук. Операцијата ја предводел директорот на библиотеката Мама Хајдар во Тимбукту, Абдел Кадер Хајдар.
Германската амбасада платила за горивото за транспорт и доставила архивски кутии за сместување на документите. Германскиот министер за надворешни работи, Гвидо Вестервеле, истакна дека Германија е подготвена да ја поддржи реконструкцијата на библиотеката во Тимбукту.