Најважно е сега Приштина да добие што поскоро нова Влада и таа Влада да направи се што е потребно за да го продолжи дијалогот со Белград, вклучително и укинување на царините на стоки од Србија и БиХ, нагласи американскиот заменик помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања Метју Палмер.
„Се надеваме дека тоа може да се реши набрзо“, изјави Палмер во интервју за „Гласот на Америка“.
Зборувајќи за продолжување на разговорите Белград-Приштина, тој рече дека никој нема да биде принуден да стори нешто што не може да го стори, но дека САД би сакале разговорите „да се водат со добра волја и да одат кон договор што води до меѓусебно признавање на Србија и Косово и го отвора патот кон Европа “.
„Договорот што ќе се постигне мора да биде сеопфатен, мора да има политичка, безбедносна, економска, трговска, културна компонента, дел што се однесува на заштитата на имотот на СПЦ на Косово. Значи, мислам дека фокусирањето само на мапите и територијата е далеку од она што треба да значи сеопфатна нормализација. Што е нормализација – можат да го дефинираат само преговарачите, а тоа бара тие да се вратат на маса“, вели Палмер.
Во интервјуто Палмер нагласува дека се надева дека опозицијата во Србија ќе се откаже од бојкот на изборите и со властите ќе постигне договор за изборните услови.