Претседателот на Русија, Владимир Путин, во Државната дума поднесе предлог закон за комбиниран систем на избори за Долниот дом на парламентот, според партиски листи и 225 мнозински мандати по окрузите, соопштија руските медиуми.
Предлог законот претпоставува враќање кон комбинираната шема од 2003 година. Тогаш половина од пратениците во Долниот дом беа избирани со партиски листи, а другата половина по еден пратеник од секој округ во земјата.
Новиот закон ќе ја укине обврската на партиите и кандидатите од окрузите со еден мандат да собираат потписи. Независните кандидати ќе треба да прикажат потписи на 0,5 отсто од избирачите во својот округ.
Цензусот за влез во парламентот ќе се симне од седум на пет проценти.
Шефот на државата, истовремено. го повлече предлог законот за парламентарни избори, поднесен пред неколку година од тогашниот претседател Дмитриј Медведев, соопшти прес службата на Кремљ, цитирана од руските медиуми.
Според весникот „Комерсант“, предлог законот е либерален според својот карактер и отвора широки можности за голем број партии и кандидати, но создава и некои тешкотии за учесниците во изборниот натпревар.
Иницијативата не ја симнува забраната за создавање предизборни блокови и дури за партиите од Думата ќе биде тешко да му конкурираат на денешниот сојуз меѓу „Единствена Русија“, домининатната формација во парламентот, и Општорускиот народен фронт, истакнува весникот.
Проектот не ја определува избирачката активност.
Исто како и пред 10 години пратениците од партиските листи ќе можат да се кандидираат за мандат во мнозинските окрузи. Тоа на популарните кандидати ќе им овозможи да бидат „локомотиви“ на својата листа, а потоа да го отстапуваат своето место на послабо познатите сопартијци.
Законот предвидува можност за видео надзор на избирачките места.
Враќањето кон комбинираниот изборен систем Путин го предложи на 12 декември минатата година, кога претседателот го имаше своето годишно обраќање кон Федералното собрание.
Во моментов руското законодавство предвидува избори за 450-те пратеници од Долниот дом,Думата, единствено според партиски листи, напоменуваат руските медиуми.
Според соговорници на весникот „Ведомости“ од Кремљ, во предлог законот се земени во предвид мислењата на политичките партии, вклучувајќи ги и новите, и на експертите по избирачко право.