Силен земјотрес, со јачина од 6,9 степени по Рихтеровата скала, се случи денеска во јужниот дел на полуостровот Камчатка во далечниот исток на Русија, до брегот на Тихиот Океан.
Според податоците од Американската геолошка служба (USGS), епицентарот бил на длабочина од околу 52 километри, пренесоа агенциите.
Британскиот ББЦ го пренесе соопштението на руското Министерство за вонредни ситуации дека нема информации за жртви и материјална штета.
Земјотреси со магнитуда од 6,0 до 6,9 степени по Рихтеровата скала се сметаат за силни земјотреси кои се чувствуваат на стотици километри од епицентарот и во населените места може да предизвикаат многу жртви и големи разурнувања.
Годишно во светот се случуваат помеѓу 100 и 150 земјотреси со таа магнитуда.
Лакот кој го сочинуваат полуостровот Камчатка и во негово продолжение, Курилските Острови, се дел на пацифичкиот “Огнен прстен”, сеизмички најактивното подрачје во светот.