Адвокатот на семејството на убиениот руски дисидент и поранешен оперативец на ФСБ, Александар Литвиненко ги обвини британскиот министер за надворешни работи Вилијам Хејг и премиерот Дејвид Камерон за „задушувење“ на истрагата за негоовото убиство, за сметка на бизнис интерсите на официјален Лондон со Русија.
Според адвокатот Бен Емерсон, Хејг и Камерон „танцуваат на руска музика“, затоа што решија да го блокираат објавувањето на доказите со кои располага Владата за убиството на Литвинеко.
Емерсон смета дека британските власти не сакаат да ги достават тие докази на истрагата што почнува во мај, затоа што ќе се види дека руската држава стои зад труњето на Литвиненко со отровниот радиоактивен изотоп Полониум 210.
Литвиненко беше отруен на почетокот од ноември 2006 година на средба со двајца поранешни оперативци на руската тајна служба – Андреј Луговој и Дмитри Ковтун, а почина од последиците на тешка контаминираност со радијација две недели покасно. Пред да биде убиен тој доби британско државјанство.
Истрагата треба да открие како починал Литвинеко и да утврди дали во убиството е вмешана руската држава, но министерот Хејг веќе потпиша официјален документ со кои треба да се „заштитат државните интереси“ за да не се објават сознанијата што ги имаат британските власти. На прелиминираното сослушување Владата веќе одби да ги обелодени сознанијата со кои располага за случајот со Литвиненко.
Пред крајот на минатата година првпат беше обелоденето дека тој примал плата од британската разузнавачка агенција МИ6, како и дека бил ангажиран во една операција на британското и шпанското разузнавање. Според лондонските весници, Литвиненко ја испитувал врската меѓу руската мафија во Шпанија и некои високи функционери во Кремљ.
Адвокатот Емерсон тврди дека британската Влада, како и руската, вршат опструкција на случајот за да се запре натамошната истрага, бидејќи на Владата во Лондон и се потребни Русија и рускиот пазар.