Познатиот актер Жерард Депардие се чувствува одлично каде и да се движи низ Русија и добива впечаток дека се наоѓа на бесконечен карневал на подароци, наведува московскиот весник „Комсомолскаја Правда“, нагласувајќи дека на тоа се придодае чеченскиот претседател Рамзан Кадиров кој му подари стан во вредност од 15 милиони рубљи (над 375,700 евра).
Депардие, кој неодамна доби руски пасош откако јавно се побуни против даночната политика во Франција, од вчера претстојува во посета на Чеченија на покана на Кадиров. Актерот беше примен лично од Кадиров кој му го додели признанието „Почесен граѓанин на Чеченија“.
Паралелно со оваа почест, Кадиров на Депардие му подари и стан со површина од 200 метри квадратни, кој се наоѓа на 27 кат на највисоката зграда во Грозни – „Олимп“. Станува збор за највисока зграда во Русија надвор од Москва, која има 40 ката и чии станови се со тавани високи три метри.
При доделувањето на станот, Кадиров изјави дека тој не е купен од буџетот Чеченија, туку со средства од Фондацијата што го носи името на неговиот покоен татко Ахмед Кадиров.
Ова не е прв стан што го добива Депардие во Русија. Претходно, тој беше прогласен за почесен жител на главниот град на руската Република Мордовија, Саранск, каде исто така доби стан во една елитна зграда, но тој не е во негова сопственост, туку му е отстапен само на користење.
По добивањето на руското државјанство и жителството на Саранск не можеше да се претпостави дека Жерар Депардие ќе доживее нешто уште посрамно. Но, тој не запре тука и ја продолжи турнејата по Русија со посета на Чеченија, заклучува „Комсомолскаја Правда“.