Нема застој во откупот на праски и на јаболка, состојбата постојано се следи, соопшти денеска портпаролот на Министерството за земјоделство, Соња Јанковска.
Одговорајќи на новинарски прашања на прес-конференција во Владата, Јанковска информира дека во моментов претставници на МЗШВ и надлежните институции се на еден од откупните пунктови за праски во Росоман, исто како и во претходните денови.
-Откупот непречено тече, се товараат камиони за извоз. Најголемиот дел оди за Русија, но и во земјите од регионот, истакна Јанковска, дополнувајќи дека моментно се откупува праска од сортата „спрингкрес“, а наскоро ќе почнат берби и од други сорти за кои се очекува подобар квалитет и пораст на откупната цена.
Во однос на јаболката, портпаролката беше децидна дека не е прв пат да има вишок на производство.
-МЗШВ секогаш носи соодветни решенија, како што беше интервентната мерка од три денари за предадени јаболка кај откупувачи, која трае до следната недела. Со помош на оваа мерка досега се откупени над 70 илјади тони јаболка, потенцира Јанковска.