Во „Кино Култура“ вечер ќе почне осмиот „Скопје Креатива 2019“ – фестивал за промоција и развој на креативните индустрии, годинава под мотото „Зелено Скопје“ симболизирајќи свест за заштита на животната средина.
До 2 јуни ќе бидат организирани повеќе настани кои ќе претстават креативни решенија за подобрување на квалитетот на животот на граѓаните. Програмата опфаќа образовен, продукциски и презентациски формат и содржини од широката сфера на креативните индустрии привлечни за луѓе од различна возраст и културни заедници.
Отворањето на фестивалот ќе биде во 20 часот на улица „Македонија“ со изложба на редизајни на постери за македонски филмови, корици на музички албуми и на книжевни дела насловена „Ремиксувај ја културната стварност“, а потоа во „Кино Култура“ ќе следува „Брендирање на зелено Скопје“ каде што ќе бидат изложени промотивни производи со графички решенија на тема „Зелено Скопје“ од македонски дизајнери и илустратори.
Од 21 часот ќе има музичката програма со звучно-визуелна инсталација на пијанистката Дуња Иванова – „Зелено во етерот за зелено Скопје“. Настаните од првата вечер ќе завршат со промоција на миниалбумот „Re:Cycled“ на „Роботек“. Влезот за посетителите е слободен.