Во наредните месеци очекуваме авганистанските сили за безбедност да го преземат раководството на сите операции на локална територија, изјави генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен. Тој истакна дека во моментот тие одговараат за безбедноста во реони, во кои живее 97 проценти од авганистанското население.
– Предавањето на одговорноста за безбедноста од меѓународните сили во рацете на локалните раководители напредува. Авганистанските служби ги имаат неопходните способности, додаде Расмусен.
Тој истакна дека соработката на НАТО со авганистанските власти ќе продолжи и по крајот на мисијата на ИСАФ догодина.
– Потоа ќе го продолжиме присуството таму со нова тренинг мисија, ќе продолжиме да поддржуваме слободен и сигурен Авганистан, изјави Расмусен.
Тој истакна дека се уште не е постигнат договор за финансирање на авганистанските сили за безбедност, кои се очекува до 2018 година да бидат на товар на меѓународната заедница.
Шефот на Алијансата коментира дека финансирањето на работата на 352.000 полицајци и војници е поевтино отколку досегашното присуство на војската на ИСАФ.