Работилница за валидација на дизајнот на националниот мониторинг на шумите денеска ќе се одржи во Скопје во организација на Организацијата за храна и земјоделство при Обединетите нации (ФАО) и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ).
Целта на работилницата е да се презентираат резултатите од двегодишниот проект на ФАО и МЗШВ за процена на методологијата за спроведување на национален инвентар на шуми и Предлог дизајнот на националниот инвентар на шумите, вклучително идните чекори за негова имплементација.
Проектот претставува важна основа за систематско планирање на шумите и шумски информациски систем. Тој и е потребен на земјата, со цел подобрување на политиките и донесување одлуки во насока на зголемување на придонесот на македонските шуми во националниот одржлив развој.
На настанот се очекува да присуствуваат претставници од клучни министерства, национални институции во секторот шумарство, агенции, академијата, граѓанскиот сектор, меѓународни партнери.