Пратеници од Либерално-демократската партија на Русија на чело со лидерот Владимир Жириновски, поднесоа денеска во Државната дума предлог-закон што предвидува казни до 50.000 рубљи (1.240 евра) за несоодветно користење странски зборови.
Либералите планираат да го дополнат рускиот кодекс за административни правни нарушувања со нова точка – „нарушување на нормите на современиот руски јазик при негово користење како државен јазик на Руската Федерација“.
Измените вклучуваат казни, поконкретно за користење странски зборови и изрази „несоодветни“ на тие норми, ако за нив има „соодветни зборови во рускиот литературен јазик“, кога „јавно се распространува информација на државниот јазик на Руската Федерација“.
Согласно предлог-законот, глобите за граѓани започнуваат од 2.000 рубљи (под 50 евра), се зголемуваат за нарушители – официјални лица, и достигнуваат до 50.000 рубљи за правни лица.