Вработените во авиокомпанијата „Иберија”, кои од денес се во пет дневен штрајк поради отпуштање на повеќе од 3.800 луѓе, се судрија со полицијата на мадридскиот аеродром Барахас.
Неколку стотици работници демонстрираа пред аеродромот и внатре во терминалот 4, меѓутоа надвор од терминалот полицијата удираше со пендреци некои од штрајкувачите.
Досега се откажани 80 летови. Синдикатите кои ги претставуваат поголемиот дел од вработените во „Иберија”, вклучувајќи ги и пилотите, стјуардесите и носачите на багаж, од денеска до 22 февруари ќе бидат во штрајк, како и од 4 до 8 и од 18 до 22 март.
„Иберија” откажа од понеделник до петок 415 летови, додека заедно со летовите на другите авиокомпании, ќе бидат вкупно откажани 1200 летови, поради недостаток на персонал на шпанските аеродроми.
Се претпоставува дека штрајкот ќе донесе проблеми за околу 70.000 патници.
Најавено е и дека работниците на “Иберија” денес ќе тргнат на осум километри долг протестен марш околу мадридскиот аеродром “Барахас”, а уличните протести се најавени за вечерва во центарот на Мадрид.
Синдикатот најави и дека на првиот и на последниот ден од штрајкот, на аеродромите ширум Шпанија ќе организираат демонстрации. Компанијатата соопшти дека со указ на владата е предвиден минимумот загарантирана работа за остварување од 90 проценти на летовите на долги дестинации, 61 проценти на средни и 46 проценти на домашните летови.