Грчката полиција соопшти дека уапсила 54-годишен маж, кој е поврзан со нападот за време на викендот во компанијата што се занимава со добивање на злато, соопштија локалните медиуми.
Околу 40 маскирани лица во ноќта меѓу саботата и неделата ги запалија машините и превозните средства на компанијата која сака да експлоатира рудник за злато.
Властите денеска соопштија дека мажот е приведен под обвиненија за „морално поттикнување“ на нападот. За овој случај беа приведени повеќе од 30 лица, кои подоцна беа пуштени на слобода.
Околу 95 отсто од компанијата „Хелас голд“ се сопственост на канадската „Елдорадо голд“.
Напаѓачите избрале да ја нападнат компанијата што има планови за експлоатација на рудник за злато и фабрика за негова преработка во северниот дел на полуостровот Халкидики.
Отпорот против проектот во реонот е голем. Жителите се поделени меѓу оние кои стравуваат од уништување на животната средина и оние кои го поддржуваат рудникот заради можностите за создавање работни места во време на жестока финансиска криза и растечка невработеност.