На осумнаесет дена до крајниот рок за британското напуштање на ЕУ и ден пред круцијалното второ гласање за Договорот за Брегзит во Парламент во Лондон, Брисел е во исчекување во услови на неизвесност што никогаш не била поголема.
Откако еднаш веќе британските пратеници го отфрлија Договорот за Брегзит, британската премиерка Тереза Меј, утре ќе се обиде повторно да добие мнозинство во Парламентот во Вестминстер за компромисот постигнат со Брисел за напуштањето на ЕУ, иако, според експертите, шансите за негово усвојување се чинат мали.
Како што јави дописничката на МИА од Лондон, Меј вчера имала телефонски разговор со претседателот на Европската Комисија, Жан Клод Јункер, но не е предвидена нејзина посета на седиштето на ЕУ пред гласањето во Лондон.
Британските парламентарци го отфрлија компромисот за Брегзит затоа што сметаат дека тој не дава доволно гаранции дека Велика Британија ќе може „да се ослободи од бриселските стеги“ поради таканаречениот „бекстоп“.
Бекстопот е заштитна мерка за „ирската граница“ преку која треба да се избегне враќање на тврда граница на ирскиот остров. Со оглед на тоа дека ЕУ и Обединетото Кралство не можат да преговараат за идното трговско партнерство додека не се усвои договорот за британското истапување од ЕУ, двете страни се договорија да воведат „бекстоп“, кој може да биде активиран доколку двете страни во иднина не се договорат за трговските односи. Целта на овој механизам е да се заштити заедничкиот пазар на ЕУ и царинската унија, без притоа да мора да се воведе физичка граница на ирскиот остров, кој ќе биде поделен на Република Ирска, членка на ЕУ и Северна Ирска, дел од Обединетото Кралство.
Британците, пак, стравуваат дека станува збор за стапица преку која де факто Велика Британија ќе остане членка на ЕУ и нема да може да преговара самостојно за склучување трговски договори со трети земји.
Шефот на европскиот преговарачки тим за Брегзит, Мишел Барние во петокот, во невообичаен стил, на Твитер сподели дел од „отстапките“ кои ЕУ е подготвена да ги направи кон Лондон.
Тој, меѓу другото, посочи дека „ЕУ се заложува да му даде можност на Обединетото Кралство унилатерално да ја напушти царинската унија, доколку другите елементи од бекстопот се сочувани. – Обединетото Кралство нема да остане заглавено во царинска унија против своја волја, напиша Барние.
Меј со недели бара од европските челници да им дадат дополнителни гаранции на Британците за да може да се изгласа Договорот за Брегзит. Според допломатите, прашање е дали оваа последна порака на Барние ќе биде доволна, бидејќи според првичните реакции во Лондон, се чини дека нема.
Во пресрет на утрешното гласање на маса се повеќе опции. Ако биде усвоен Договорот за Брегзит, Велика Британија ќе ја напушти ЕУ на 29 март, како што е планирано според договорените услови. Ако пратениците гласаат против, тогаш в среда би се одржало гласање за тоа дали Велика Британија треба да ја напушти Унијата без договор за Брегзит. Доколку в среда пратенмицте отфрлат Брегзит без договор, се очекува в четврток тие да гласаат за одлагање на Брегзитот.