Министерката без ресор задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска, денес учествуваше на средба за вмрежување помеѓу мултинационалните и домашните компании во Република Северна Македонија, кој се одржа во Скопје. Настанот е во организација на Центарот за управување со промени – ЦУП и Finance Think – Институт за економски истражувања и политики, во рамки на проектот „Надминување на јазовите помеѓу домашните мали и средни претпријатија и мултинационалните компании“, кој е финансиски поддржан од Делегацијата на Европската Унија во Скопје.
Пред присутните претставници на домашни и странски компании министерката Апостолска се осврна на мерките од владиниот План за економски раст кои се насочени кон унапредување на нивното деловно вмрежување.
„Со Планот за економски раст за првпат во земјава се воведе мерка која е насочена кон стимулирање на странските компании да воспоставуваат деловни релации со домашни. Согласно Законот за финансиска поддршка на инвестициите, каде што ова мерка е утврдена, странските компании кои воспоставуваат соработка со добавувачи од Северна Македонија може да очекуваат финансиска поддршка од 1% од вредноста на вкупните набавки доколку 15% од инпутите за производство ги набавуваат од домашни компании“, рече Апостолска.
Министерката Апостолска истакна дека намерата на Владата е интеракцијата помеѓу домашните и странските компании да го надмине нивото на испорачување на услуги, односно домашното стопанство да биде вклучено на напредно технолошко ниво во добавувачките ланци и производствени процеси на странските компании кои работат во земјава.
Осврнувајќи се на значењето на реализацијата на стратегиските евро-атлански приоритети, министерката Апостолска порача дека со зачленувањето на Република Северна Македонија во НАТО и започнувањето на преговори со ЕУ, земјата испраќа позитивен сигнал до домашните и странските компании да инвестираат.
„Политичката стабилност и безбедност која ја добиваме со НАТО и ЕУ гарантира и економска сигурност, што е од посебно значење за нашата атрактивност како дестинација за инвестирање“, рече Апостолска.
Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски осврнувајќи се на инструментите за поддршка на компаниите, соопшти дека минатата година преку оваа институција биле потпишани договори за финансиска поддршка во вредност од 16 милиони евра, со што по оваа основа е поддржан инвестициски циклус од 30 милиони евра.
На средбата свои обраќања имаа и Патрик Мартенс, директор на Делегација на Германско стопанство и Јасна Пајковска, координаторка на проектот – ЦУП.