Авганистанскиот претседател Хамид Карзаи денеска изрази протест на новиот командант на НАТО силите во земјата, поради воздушните напади во кои вчера се убиени десет цивили, соопшти претседателската палата.
Генерал Џозеф Данфорд, кој вчера ја презеде должноста од генерал Џон Ален, повикан е во претседателската палата „за објаснување“ во врска со воздушните напади во провинцијата Кунар.
– Посочувајќи на ветувањето што претходно го даде генералот Ален дека нема да извршува воздушни напади во населени области, претседателот Карзаи нагласи дека такви инциденти во иднина мора да се избегнуваат, како и дека нивното повторување е неприфатливо, се наведува во соопштението.
Американските сили во Авганистан ја потврдија средбата на генерал Данфорд со претседателот Карзаи, истакнувајќи дека НАТО започнал истрага за настанот.