Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) денеска ја повика Русија веднаш да ги ослободи задржаните украински морнари при минатомесечниот инцидент крај Крим, да гарантира слобода пловидба во Азовското Море и Керчинскиот Теснец, како и да се воздржи од секаква употреба на сила.
ПССЕ усвои Резолуција, врз основа на извештајот на германскиот пратеник Андреас Ник, со која ги повика Русија и Украина да го почитуваат Договорот од 2003 година со кој се регулира пловидбата низ овие води.
ПССЕ во резолуцијата потсетува дека Русија и Украина, како земји членки на Советот на Европа, се обврзале мирно да ги решат нивните разлики.
Парламентарците оценија дека мостот изграден од Русија до Крим преку Керчинскиот Теснец е нелегален и ја потврдија посветеноста на ПССЕ на почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.
Руската парламентарна делегација не допатува во Стразбур, сметајќи дека не треба да биде „понижувана“ со тоа што и беше одземено правото на глас по анексијата на Крим од страна на Русија.
Во пресрет на актуелната зимска сесија на ПССЕ, руската Државна дума реши да го продолжи замрзнувањето на исплатата на финансиските обврски на Русија во Буџетот на Организацијата, воведено по одлуката на Собранието да им го одзеде правото на глас на руските пратеници.
Според правилата на Советот на Европа, доколку една земја членка не ги плати своите финансиски обврски две години, ризикува исклучувањето од Организацијата. Русија престана со уплатите на средства во буџетот во јуни 2017 година, со што во јуни годинава би бил исполнет условот за нејзино исклучување од Советот на Европа.
Меѓу Москва и Советот на Европа во тек е дијалог со посредство на дипломати, со цел да се избегне излегувањето на Русија од најстарата паневропска организација, која годинава слави 70 години од основањето.