ЕК: Изјавата на Аврамопулос не е став на Европската Комисија

Од:

Изјавата на еврокомесарот за миграција, Димитрис Аврамопулос, ги разбранува европските институции. ЕК вели дека тоа не е нејзин став.

Додека се чека на круцијалното гласање на грчкиот Парламент за Преспанскиот Договор, еврокомесарот за миграција, член на грчката Нова Демократија, даде изјава која е спротивна на ставот на ЕУ.

Тој во соопштение до медиумите изјави дека не го поддржува Преспанскиот Договор, кој го нарече “небалансиран“ и “проблематичен“. Ова е невообичаен потег за еврокомесар. Комесарите на ЕУ имаат должност да бидат национално и партиски неутрални според Повелбите на ЕУ.

Притоа, Европската Комисија, пред се, комесарот Јоханес Хан и високата претставничка, Федерика Могерини одиграа суштинска улога во постигнувањето компромис за спорот за името. Претседателот на ЕК, Жан Клод Јункер, договорот го нарече “историски“.

Денеска во прес салата на Европската Комисија, новинарите бараа одговори од портпаролот на ЕК, Маргаритис Шинас, за односот на Аврамопулос.

-Ја повторувам позицијата која колеџот на комесари ја зазема едногласно, таа позиција беше јасно изразена од претседателот Јункер и комесарот Хан. Ова е важен договор за решавање на едно од најстарите прашања во регионот и прилика да се надмине минатото, не само во регионот, туку во цела Европа, рече Шинас.

Тој додаде дека ЕК сега го следи процесот во Грција и дека “единствено што е важно сега е гласањето на грчкиот Парламент, што суверено ќе одлучи за следните чекори“.

Одговорот на Шинас не ги задоволи претставниците на медиумите, кои сакаа да знаат дали Аврамопулос може да биде опоменат поради неговото скршнување од усогласениот став на ЕК за важноста на оваа спогодба. На што Шинас, кој е инаку исто така по потекло од Грција и член на Нова Демократија, одби да одговори.

Новинарите бараа да знаат дали Шинас, исто така, ја поддржува изјавата на неговиот сопартиец и дали е прифатливо еден комесар да ги стави партиските интереси над оние на ЕК.

-Нема да навлегувам во анатомијата и контекстот, позицијата на ЕК е јасна, и тоа е сѐ што треба да запаметите, изјави тој.

Изјавата на Аврамопулос посебно ги изненади одделите во ЕК кои работат на проширувањето и на Македонија, од каде повторуваат дека ставот на комесарот за миграција “кој се шири во грчките медиуми нималку не е во согласност со ставот на ЕК“.

И грчките европратеници од Сириза реагираа денеска, како Димитрис Пападимулис, кој на Твитер прашува дали Аврамопулос “оди против позитивниот став на ЕК за договорот, а ако не тогаш која му е целта?„

-Една нога не може да стои на два брода, пишува европратеникот, кој потсети дека Аврамопулос со месеци “молчи за Преспанскиот договор“.

Би можело да ве интересира

Герапетритис: Сакаме добрососедски односи со Северна Македонија, но не толерираме селективно усогласување со меѓународното право

Герапетритис: Доколку Северна Македонија продолжи со оваа политика, имаме средства за дополнителен притисок

Државниот врв во Северна Македонија систематски го крши Преспанскиот договор, Грција ги повторува обвинувањата

Катерина Ѓуровски

САД: Ќе работиме со Северна Македонија и Грција да го одржaт Договорот од Преспа

Мицотакис: Грција нема да ги открие оружјата што ѝ се на располагање доколку соседната земја продолжи со актуелната тактика

Мицотакис ќе го отвори прашањето за непочитување на Преспанскиот договор на самитот на НАТО, нема потврда за средба на премиерите