Халфот Кевин-Принс Боатенг веќе е играч на Барселона. Каталонците објавија на својата официјална страница дека го земаат 31-годишниот поранешен репрезентативец на Гана на заем од Сасуоло. Барса ќе плати 2 милиони евра и договорот вклучува клаузула која му дозволува на клубот да го купи Боатенг по крајот на сезоната за 8 милиони евра.
Презентацијата на играчот пред медиумите ќе се одржи утре. Најверојатно, тој ќе дебитира при посетата на Жирона на 27-ми јануари. Пред тоа, Барселона има натпревар против Севиља за Купот, но Боатенг најверојатно нема да влезе во групата за него.
– Жал ми е дека го напуштам Сасуоло, но да преминам во Барса е шанса која доаѓа еднаш во животот. Не ме прашувајте за Реал Мадрид. Сакам да се наметнам во составот и да постигнам гол во следното „Ел Класико“, изјави Боатенг.
Од почетокот на сезоната искусниот фудбалер одигра 13 натпревари и постигна 4 гола во Серија „А“.
Во Шпанија тој го носел дресот на Лас Палмас, а освен тоа во кариерата играше за Херта (Берлин), Тотенхем, Борусија (Дортмунд), Портсмут, Милан, Шалке 04 и Ајнтрахт (Франкфурт)