(ВИДЕО) Шекеринска: Да сакаа ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, до сега десет пати ќе го прочистеа списокот

(ВИДЕО) Шекеринска: Да сакаа ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, до сега десет пати ќе го прочистеа списокот

На ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ им одговара непрочистен Избирачки список, затоа што ако се прочисти нема да може да гласаат мртвите, затоа што ќе бидат најдени и санкционирани фантомските згради и затоа што нема да дозволиме Македонија да стане Пустец, рече за А1он заменик претседателот на СДСМ, Радмила Шекеринска.

– Ако ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ мислат дека народот ги сака, тие десет пати досега ќе го прочистеа Избирачкиот список и ќе обезбедеа слободни медиуми во Македонија. Фактот дека бегаат и од едното и од другото кажува дека само на криминални избори сакаат да учествуваат. Нашиот приоритет е јасен, не сакаме ништо повеќе и ништо помалку од фер натпревар, тоа занчи избирачки список кој ќе биде проверен и тоа значи медиумски правила кои ќе дадат еднаква шанса на сите. Медиуми кои што ќе значат дека граѓаните ја носат својата одлука врз база на податоци, врз база на факти, врз база на еднаков пристап на сите во медиумите, рече Шекеринска.

Според неа, прашање е зошто ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ од јули минатата година до денеска го влечеле процесот на преговори само за Избирачкиот список да остане непрочистен.

– Да потсетам, согласно договорот од Пржино, нова Државна изборна комисија требаше да добиеме во јули месец минатата година, нови медиумски правила требаше да бидат договорени на крајот на август минатата година, новите ингеренции на ДИК требаше да бидат усвоени на крајот на септември. Ќе видите дека за најголемите обврски во Македонија се случи доцнење од 5, 6 и 7 месеци. Единствената причина беше одлуката на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ да ги влечат преговорите за да ништо не се договори, рече Шекеринска.

Таа вели дека луѓето кои краделе на избори, печателе лажни лични карти и уценувале фирми сакаат повторно да ловат во матно.

– Тешко е да се прогнозира дали денеска ќе се решат медиумите и Избирачкиот список и јас не сакам да ја земам таа неблагородна позиција. Факт е дека овие преговори или ќе бидат суштински и ќе не донесат до фер и демократски избори или ќе се распаднат, трета опција не постои. Уште еднаш учество на опозицијата во сценарио „ајде власта да глуми фер избори“ нема да прифатиме, рече заменик претседателот на СДСМ.

Според Шекеринска, тоа што Груевски се уште се однесува како премиер на Македонија, покажува дека тој веќе одамна мисли дека тој е државата.

– Нормално е дека човекот кој со две раце влегол во сите можни криминали по секоја цена ќе се труди да ги уништи сите шанси за независна истрага. Тој е научен да живее и владее во држава во која обвинителите се бираат од тефтерчето на Гордана, во која судиите се сведуваат на „Сваровски судии“ и во која што сите играат по неговите ноти. Било каква шанса за вистинска истрага ќе покаже дека Никола Груевски е човекот којшто ги создаде нејголемиот криминал, најголемите злоупотреби и најголемата корупција во Македонија, рече Шекеринска.

Таа вели дека Македонија не заслужува на сите листи за слободни медиуми Македонија да се наоѓа помеѓу Таџекистан и Мали, што според неа е исход од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ.

– Ако зависи од ВМРО-ДПМНЕ тие би биле газди на се и ако зависи од нив тие би ги уредувале и нашите мисли, а не само медиумите. Тоа значи, ако продолжи тоа статус кво, само уште повеќе и уште повеќе ќе тоне на сите листи на медиумски слободи. Во оваа држава многу избори зависеа и од тоа не само како се однесуваат политичарите, туку како се однесуваат и медиумите. И секој пат кога даваа еднакава шанса на политичките партии, одлуката навистина ја носеа граѓаните. Денеска Никола Груевски сака да биде не само газдата во Македонија, туку и главниот и одговорен уредник на сите медиуми во Македонија, рече Шекеринска.

Виктор Јованов

Вести од истата категорија