Атанасов: Зошто Премиерот НЕ ДАВА предвремени парламентарни избори?

Атанасов: Зошто Премиерот НЕ ДАВА предвремени парламентарни избори?

Никогаш не било полесно да се направи анализа и синтеза на политичката ситуација во Република Македонија. Пред два-три месеци тоа беше исклучително тешко, затоа што Владата на Никола Груевски за пред јавноста имаше еден лажен лик а за пред своите партиски структури и приврзеници го користеше својот вистински лик, кој денес се идентигикува како одлично човек што има изградено организирана командна структура, со висок степен на послушност и канонска лојалност.

Од 24 декември наваму јасно се виде дека зад технологијата на владеење на Никола Груевски нема никаква филозофија ниту каков било концепт, се виде дека единствениот мотив е да се остане на власт по секоја цена и што е најиндикативно, оваа Влада веќе работи против интересите на граѓаните на Република Македонија. Да се обидеме ова и логички да го докажеме:

Теза број 1

Република Македонија се наоѓа во длабока политичка, економска и идеолошка криза.

Анализа:

Најголем виновник за оваа состојба се погрешните политики на Владата на Никола Груевски кои ги мотивираа опозициските пратеници со политички и парламентарен притисок да ја натераат Владата да се откаже од непотребни трошоци од над 200 милиони евра. Владата наместо да ги преиспита своите трошоци, таа дозволи припадници на МВР да влезат во законодавниот дом и да ги исфрлат надвор пратениците на опозицијата. Тоа беше политички земјотрес и суспендирање на Уставот и парламентарната демократија.

Заклучок:

Ако СДСМ прифати да оди само на локални избори ќе му даде легитимитет на погрешните политики на Никола Груевски и ќе го одобри насилството што беше применето врз пратениците на опозицијата.

Теза број 2

Владата на Република Македонија во последните два месеца носи одлуки кои имаат за цел исклучиво егоистички, партиски и лични интереси.

Анализа:

Евентуалната одлука да не се дозволи распишување на предвремени избори Е легитимна одлука на Владата и на Премиерот. Но, ако Премиерот веќе на два пати распишувал предвремени избори (2008, 2011) заради лични проценки дека ВМРО-ДПМНЕ ќе освои поголем број на пратеници, тогаш во моментот кога преку граѓански протести народот бара проверка на власта (па макар само половина од народот), тој не може да прави партиски калкулации. Дури и по цена да ги изгуби изборите, ако народот така сака… така и ќе биде. Ниту народот повеќе го поддржува Груевски ниту тој има идеи каде го води бродот Македонија.

Заклучок:

ВМРО-ДПМНЕ не сака да распише предвремени парламентарни избори само заради проценката на Никола Груевски дека ќе ги загуби изборите затоа што ја изгуби поддршката на народот.

Теза број 3

Законите што во Собранието се носат во скратена постапка, без опозиција, немаат никаков легитимитет затоа што во Парламентот е суспендирана претставничката демократија и елиминирана контролната функција на политичката опозиција.

Анализа:

Парламентот работи без опозиција од „црниот декември“ наваму. Опозицијата е присутна само на улиците и плоштадите во речиси сите градови во Македонија. Во градовите бастиони на ВМРО-ДПМНЕ протестираат по неколку илјади граѓани а во Скопје имаше два протестни марша со десетици илјади граѓани. Господине Груевски народот бара избори затоа што изразува отпор кон вашите политики. Моќта е во рацете на Никола Груевски но со неа енормно порасна и одговорноста, која се чини не постои во политичкиот речник на ВМРО-ДПМНЕ. Што се однесува до законите и измените во законите, Парламентот не смее да носи по скратена постапка суштински измени во ниту еден закон.

Заклучок:

Со одлуката да не се распишат предвремени парламентарни избори туку да се направи обид да се остане на власт по секоја цена, само преку локални избори, ВМРО-ДПМНЕ уште повеќе ја продлабочува политичката криза и ЈА СТАВА ВО ЗАЛОГ иднината на Демократска Република Македонија.

Упатство за употреба:

Прочитајте го ова, потоа дајте го на уште некој да го прочита. И потоа продискутирајте го ова. Велат дека народот не разбира што се случува.

Е па да им докажеме дека разбираме.

Деновиве некој цитираше изјава на еден од постарите американски претседатели кој рекол: За една демократија, не е најважно како ќе владееш, туку дали мирно ќе ја предадеш власта.

СДСМ во 1998 и во 2006 година докажа дека е демократска партија. Каква партија е ВМРО-ДПМНЕ, ќе видиме оваа година!

Петар Атанасов, универзитетски професор

 

Вести од истата категорија