„Тероризам“ – режисерско деби на актерот Јордан Симонов

Од:

Македонскиот народен театар утревечер на малата сцена премиерно ќе ја изведе претставата „Тероризам“ по текст на современите руски автори, браќата Олег и Владимир Пресњаков. Режисер е актерот од МНТ Јордан Симонов, кому оваа претстава му е магистерски труд – завршен испит на постдипломските студии по режија на ФДУ, во класата на Слободан Унковски.

Текстот е напишан во 2000 година, пред да се случат драматичните терористички напади во светот, и пред популаризирањето на зборот тероризам. Го отвора прашањето за влијанието/притисокот на глобалниот тероризам на микрониво, врз обичните луѓе, и како тие се снаоѓаат во такви ситуации. Драмата е напишана фрагментарно, во пет навидум неповрзани приказни, и носи непредвидливост и драматичност карактеристична за делата на руската апсурдна комедија од почетокот на 20 век.

– Дали тероризмот е наша антрополошка зададеност и дали во секој од нас свесно или несвесно лежи терорист е прашањето што го поставува овој текст. Тој носи природен дијалог со призвук од улицата на Русија  и реплики  кои се универзални и може да се залепат  во сите средини, истакна на прес-конференција Симонов, кој текстот самиот го избрал за својот завршен испит на постдипломските студии.

Текстот досега бил поставен на 15-ина светски сцени, меѓу кои и во Њујорк и Лондон, а пред десет години и во Велешкиот театар. Според Симонов, делата на браќата Пресњаков се неправедно запоставени во македонскиот театар и треба да бидат поприсутни кај нас зашто, рече тој, се работи за интересни и еминентни автори на постсоветска Русија.

За неговото режисерско деби помогнало големото искуство на театарски и филмски актер. Тоа  ја олеснило и работата со актерската екипа. – Интересно е да се работи со режисер-актер. Добро и бргу се разбравме поради неговото актерско искуство, рече актерот Сашко Коцев.

Александар Микиќ истакна дека е среќен што игра во првата режија на својот колега-актер. – Претставата има 13 брилијантни лика, секој со почеток и крај, кристален карактер и кристални намери, рече Микиќ.

Покрај Коцев и Микиќ, во актерската екипа се и: Гораст Цветковски, Славиша Кајевски, Никола Ацески, Николина Кујача, Звездана Ангеловска, Марија Новак, Кире Ѓоревски, Александар Михајловски, Александар Ѓорѓиески, Борче Начев и Драгана Левенска. Сценограф и костимограф е Илина Ангеловска, музиката е на Горан Трајковски, а автор на плакатот и на анимацијата е Срѓан Јаниќијевиќ.

Директорот на МНТ Дејан Лилиќ рече дека „Тероризам“ е нивни  самостоен проект и дека во наредниот период ќе биде интензивно играна на малата сцена на театарот.

Фото: МИА

Би можело да ве интересира

Почина актерот Мустафа Јашар

Светски ден на театарот, бесплатни претстави во Скопје

(ВИДЕО) Српски актер го прекина настапот поради жена која телефонираше: Немам нерви како коњ

Предраг Петровиќ

Во Битола премиера на театарската претстава „Вујко Вања“

Предраг Петровиќ

Премиера на „Петар Пан“ во Струга, средствата од влезниците хуманитарно за Бојан

Ана Ололовска

По повеќе од 30 години прво гостување на македонски театар на сцената на Народниот театар во Албанија

Ана Ололовска