Течат изборните рокови за избори на 5 јули по завршувањето на вонредната состојба, ВМРО-ДПМНЕ бара плус десетина дена

Од:

По завршување на четвртата вонредна состојба и непрогласување нова, течат роковите за предвремените парламентарни избори, кои првично требаше да се одржат на 12 април, но поради корона кризата беа пролонгирани. Саботата спроти неделата на полноќ заврши вонредната состојба, а откако лидерите на двете најголеми партии во државата владејачката СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ – Зоран Заев и Христијан Мицкоски претходно на средба во Вила Водно не постигнаа договор за датумот за изборите, продолжуваат изборните дејствија за избори на 5 јули.

Власта останува на ставот избори да има на 5 јули, владејачката СДСМ потенцира дека тоа е согласно Уставот и законите – односно продолжување на изборниот процес, онаму, каде што застана, пред прогласување на вонредната состојба. Најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, пак не го прифаќа 5 јули и бара избори кон средината на истиот месец, со образложение дека е потребно време за воспоставување на набљудувачката мисија на ОБСЕ-ОДИХР.

ОБСЕ/ОДИХР, пак вчера соопшти дека ќе испрати специјална мисија во Република Северна Македонија по покана од македонската Влада за следење на изборите на 5 јули. Објавиле конкурс за ангажирање експерти од различни области кои треба да го следат изборниот процес. Според соопштението објавено на нивната веб страницата меѓународните набљудувачи се очекуваат во земјата по 19 јуни.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вчера на прес-конфернеција порача дека партијата нема да оди на предвремените парламентарни избори ако тие се одржат на 5 јули, или 8 јули, а прва можна дата, според него, е 15 јули или средината на јули.

Тој го повика претседателот Стево Пендаровски во текот на вчерашниот ден да ја продолжи вонредната состојба, нагласувајќи дека партијата има два услова да учествува на изборите – подготовка на протоколи за заштита на здравјето на граѓаните и услови за фер и демократски, инклузивни избори, а тоа значи, вели, еден ден откако во земјата ќе стигне Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР може да почне кампањата.

-Првиот ден кога мисијата набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР ќе бидат во Македонија веднаш по одржаната нивна прес-конференција следниот ден нека биде првиот ден од нашата кампања и од тој прв ден да го утврдиме датумот кога ќе бидат одржани овие избори. Според сегашната ситуација она кое што ние како ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За обнова на Македонија“ го антиципираме првата возможна дата е средината на месец јули, рече Мицкоски.

На новинарско прашање што доколку кампањата отпочне утре, а изборите се случат на 5 или 8 јули без присуство на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР, тогаш рече, Мицкоски, се согласува со ставот на претседателот Пендаровски дека покрај здравствена и економска криза ќе имаме сериозна политичка криза.

– ВМРО-ДПМНЕ нема да биде дел од тие избори ниту на 5, ниту на 8 јули посебно после денешното известување кое што го добивме од ОБСЕ/ОДИХР, тогаш престојат други дополнителни чекори за кои јавноста ќе биде благовремено информирана, но тогаш ни претстои процес на самоорганизирање и за жал дополнителна политичка криза во државата, рече Мицкоски а одговорноста за тоа вели, паѓа на товар на раководство на СДСМ.

Лидерот на СДСМ Зоран Заев му одговори на Мицкоски дека изборите се неопходно заради враќање на институциите со полн капацитет и легитимитет и за подобро справување со здравствената и економската криза предизвикана од Ковид-19, а датумот за изборите не е и не може да биде ниту партиска ниту лична желба, тој е одреден од Уставот и законите. На Мицкоски и на ВМРО-ДПМНЕ, посочува Заев, здравјето на граѓаните воопшто не им е важно, тоа се само изговори за да нема избори.

-На средбата кај Пендаровски, Христијан Мицкоски не спомена ниту З од здравје на граѓаните, ниту З од здравство или здравствена криза. Граѓаните тоа го знаат. Впрочем токму Мицкоски шеташе по кафани и теретани, прекршуваше мерки, а неговиот министер Чулев го поткопува системот одвнатре и го загрозува здравјето на граѓаните. Цели три години ВМРО-ДПМНЕ правеше опструкции, кочници, бојкоти. ВМРО-ДПМНЕ бараше предвремени избори, дадовме предвремени избори. Од декември наваму измислуваат изговори само да ги одложат, затоа што знаат дека граѓаните ќе ги казнат, знаат дека ќе загубат. Нема веќе бегање, нема одложување. Доста е!, истакнува Заев.

Според него, стравот од пораз на изборите не смее да биде причина на која било партија да бојкотира избори или да бара нивно одложување и со тоа да ги става во опасност и народот и државата. Сите законски и уставни услови за одржување на изборите се исполнети, потенцира Заев и додава дека ДИК како извршно тело има обврска да ги спроведе изборите кои по закон и Устав се на 5 јули.

-За непостапување по законите следува одговорност. Нема да дозволиме Мицкоски да ја втурне земјата во институционална криза, без Собрание и политичка Влада, нема да дозволиме да биде загрозена безбедноста, сигурноста и здравјето на граѓаните. Ние не сакаме избори без опозиција, но ако Мицкоски се одлучи на тоа, ние ќе покажеме што можеме да направиме во еден мандат без саботажи, наведува Заев на својот ФБ профил.

По повикот на Мицкоски да се прогласи нова вонредна состојба на територијата на целата држава, експресно одговорија од кабинетот на шефот на државата Стево Пендаровски дека тоа е можно само ако има договор меѓу партиите за датумот за избори.

-Ставот на претседателот Стево Пендаровски и е познат на јавноста. Претседателот е подготвен да донесе нова одлука за прогласување на вонредна состојба на територијата на цела држава, само доколку претходно биде постигнат меѓупартиски договор на сите политички субјекти за датум на предвремените парламентарни избори, заради создавање на правна рамка за нивно непречено организирање и спроведување, велат од кабинетот на претседателот.

Во меѓувреме, претседателот на Државната изборна комисија Оливер Деркоски оцени дека нема причина за закажување на седница на ДИК заради фактот, што според него, за да продолжи целиот изборен процес треба прво претседателот на Собранието Талат Џафери да донесе решение со нов датум за избори.

-Без да го добиеме тоа решение не гледам причина за седница. Тоа е според Изборниот законик. Од денеска сме во редовна состојба во државата и важи Изборниот законик, а не некои уредби што ги донесе Владата за време на вонредната состојба. Четворицата членови на ДИК од СДСМ и БЕСА ми пуштија пред два часа барање за свикување на седница. Согласно деловникот имаат право да побараат, меѓутоа во барањето се повикуваат на уредбите, а според мене и според многумина во државата и експертска и друга јавност и Уставниот суд уредбите важат само додека трае вонредната состојба. Немам рок за одговор, но ќе им одговорам дали ќе закажам или не седница. Им оставам сами да одлучат како ќе постапуваат, а јас нема да учествувам во незаконити дејствија, изјави Деркоски за МИА.

Според него, Претседателот на Собрението со решение го закажува датумот кога и да е, за врз основа на тоа решение ДИК да го донесе роковникот за избори.

-Без тој прв чекор не може да се организираат избори. Вториот основен чекор во Изборниот законик е избирачкиот список без кој, исто така, ако не е заклучен, потврден, прочистен комплетно согласно Методологијата за избирачки список донесена во февруари 2016 година од претходната ДИК, не може да се зборува дека одите на легитимни избори, потенцира Дерковски.

Членот на ДИК Борис Кондарко за МИА потврди дека доставиле барање за одржување седница на ДИК и посочи дека ставот на претседателот на ДИК Деркоски е негово лично толкување на законот.

-Ние во ДИК не сме Уставен суд и мораме да го применуваме законот, а не да судиме дали нешто важи или не важи. Тоа не е наша работа. Тоа е личен став на Деркоски, рече Кондарко за МИА.

Министерката за правда Рената Дескоска, пак, го оспори коментарот на Деркоски дека уредбите со законска сила донесени во вонредна состојба важат до истекот на таа состојба за што веќе се произнел и Уставниот суд,

-Уредбите со законска сила може да регулираат и дејствија кои би се презеле во рокови и по завршувањето на вонредната состојба, односно да регулираат мерки кои ќе имаат правно дејство и по завршување на вонредната состојба, а тоа се однесува и на мандатот на ДИК…Мандатот на ДИК продолжува, матурантите може да бидат мирни – врз основа на уредбата ќе се запишат во септември на факултет без матурски испит, а оние кои примаат парична помош врз основа на уредба – ќе продолжат да ја примаат и понатаму, појаснува Дескоска на нејзиниот фб профил.

Потоа се огласи и претседателот на Собранието Талат Џафери, кој им порача на лидерите на политичките партии да постигнат консензус за датумот на одржувањето на предвремените парламентарни избори, а потоа вели тој ќе си ја исполни неговата уставна обврска да ги распише изборите.

Амбасадорката на САД Кејт Мари Брнз во изјава за МИА минатата недела истакна дека е важно да се одржат избори затоа што на земјата и се потребни целосно функционални институции за справување со сите предизвици вкулучително и со кризата со Ковид-19, и подготовката за пристапни преговори со ЕУ, а датумот за избори, вели таа, треба да се утврди во согласност со Уставот и законите на земјата.

И Брисел бара датум за избори донесен со консензус меѓу власта и опозицијата, како и беспрекорно организирани избори, со оценка дека техничката влада не може „вечно да трае“.

-Бојкот од една или друга страна, непризнавање на резултатите, се сценарија кои мора по секоја цена да се избегнат, коментираат во институциите на ЕУ, посебно со оглед на фактот дека од јуни проширувањето ќе се врати на дневниот ред на Унијата, со објавувањето на преговарачките рамки за Северна Македонија и Албанија.

Дипломати од Брисел и со став дека меѓународните набљудувачи не се обврска, но им даваат легитимитет на изборите, ако нема меѓународни набљудувачи се остава простор за оспорување на процесот и на резултатите, така што за ЕУ нивното присуство е значајно, велат дипломатски извори за МИА.

Би можело да ве интересира

Следува уште една изборна година

Ана Ололовска

Усогласување на владината програма и распределба на кадри во преговорите меѓу СДСМ и ДУИ

Ана Ололовска

ВИДЕО: ВМРО-ДПМНЕ бара Антикорупциската да отвори случај за финансирање на изборната кампања на СДСМ

А1он

Уште пет дена за договор за нова влада

А1он

СДСМ: Продолжуваат разговорите за нова влада со полн четиригодишен мандат

А1он

СДСМ тврди дека преговара за Влада со стабилно мнозинство, ВМРО-ДПМНЕ бара да ги кажат имињата на партиите

А1он