„Рудници на смртта“ – Креирана фрустрација со брутална манипулација…

Од:

„Zero-sum Effect VS. Win-Win Situation“:

Zero-sum“, е ситуација или процес кога добивката или позитивниот ефект кај едната страна е еквивалентен на загубата или негативниот ефект кај другата, со што финалниот резултат на нето добивка е рамен на „0“ (нула!). Во ваквата ситуација на „Zero-sum“ учествуваат најмалку две страни кои пак може да вклучуваат и неколку милиони партиципиенти.

Win-Win“ пак е ситуација или процес кој резултира со добивка или позитивен ефект за сите засегнати инволвирани страни.

Во согласност со определбата на Владата на Република Македонија за отвореност и за партнерство со граѓанското општество во процесот на креирање и спроведување на политики, кабинетот на Премиерот неодамна ја организираше првата консултативна средба со сите засегнати страни врска проектот за развој на рудникот за бакар и злато во селото Иловица – Штука на канадската компанија „Euromax Resources“. Ваквата широко инклузивна-консултативна средба, има за цел да обезбеди простор на кој слободно и во конструктивна форма ќе се искажат и образложат ставовите, фактите и заложбите на сите засегнати страни.

Имав можност да присуствувам на овој цивилизиран демократски форум со Претседателот на Владата, владини претставници од ресорните министерства и институции, градоначалници и претставници на засегнатите локални самоуправи; претставници на релевантните граѓански организации; претставници на месните заедници; реномирани експерти и академски авторитети; високи претставници на „EBRD“ – Европската Банка за Обнова и Развој, како и одговорниот менаџерски тим на компанијата носител на проектот.

Во безмалку петчасовната маратонска дебата, едната страна (претставниците на граѓанските организации) со импресивна посветеност, разбирлива возбуденост но и со агресивна реторика ја манифестираше својата загриженост. Сигурно не постои нормален човек кој би останал рамнодушен на предупредувањата за можни апокалиптични сценарија, екоцид или геноцид, масовни труења, канцер, смрт … „опстанокот на целата заедница е под закана од овие бескруполозни странски инвеститори чија што единствена цел е профит и по цена на уништување и пустош во цела југо-источна Македонија“.

Ваквите френетично повторувани апели за „спас“, сигурно дека добронамерно ни алармираат за максимална претпазливост и грижа за зачувување на највредното – здравјето на луѓето во здрава еко-средина !! Но ако само малку се задлабочите во анализа на презентираните аргументи, факти, селективноста и релевантноста на користените извори на информации, неизбежно ќе забележите дека во „фрапантната вистина“ на патетично изнесените популистични предупредувања има многу недостатоци, полувистини но и целосно шпекулативни теории. Својата непомирлива исклучивост – или рудник, или земјоделие и здрав живот !“, тие за жал јавно ја манифестираа со елементи на нетолеранција и неподготвеност ни да ги сослушаат внимателно дискусиите и ставовите на другата страна …

А другата страна пак (реномирани експерти и академски авторитети, стручни консултанти на „EBRD“ и менаџерскиот тим на компанијата носител на проектот) прилично авторитетно и аргументирано зборуваа за највисоките технолошки, технички и етички стандарди за одржливо рударство во 21-от век. Тие зборуваа за неопходниот стручен дијалог во континуитет, заеднички мониторинг во сите фази и форма за градење на разбирање и доверба помеѓу сите инволвирани страни.

Трпеливо се обидуваа да промовираат „Win-Win“ стратегија, односно да укажат на современата реалност каде рударството не мора да биде на штета на земјоделието и туризмот, туку дека може хармонично да функционира заедно со тие економски сектори …

Некаде кон крајот на оваа маратонска консултативна средба исполнет со помешани импресии се потсетив на една безвременска мудрост која вели:

„Тој што ништо не знае, и не знае дека ништо не знае е „будалест“, затоа презри го;
Тој што ништо не знае, но знае дека ништо не знае е „скромен и доблесен“, затоа научи го:
Тој што знае, но не знае дека знае е „заспан“, затоа разбуди го;
Тој што знае, и знае дека знае, тој е мудар, затоа следи го како ЛИДЕР!“

… Унисониот аплауз од сите присутни кон завршните зборови (некаде околу еден час по полноќ), искрено ме охрабрија и убедија дека сите имавме можност да се искажеме но и сконцентрирано да се слушаме за да научиме … верувам дека поголем дел од присутните сепак успеа да ја препознае мудроста и лидерството.

Д-р Живко Груевски