Планинари апелираат на бесправна сеча на Шар Планина: Исечени се 600 хектари шума

Од:

Планинар од ПК Јелак од Тетово преку социјалните мрежи објави дека се вриши бесправна сеча на Шар Планина и дека тоа зема се поголем замав.

– Сечата во овој дел од Шара напредуваше и сѐ уште напредува. Години наназад непрестајно. Овој пат како планинарска фела сме доведени до работ. Редно е за овој апел околу оваа сеча, овде, да наидеме на широка поддршка од планинари, ентузијасти, вљубеници во природата, на поддршка од луѓе кои не можат да молчат при неправди. Бидејќи ова што ѝ се случува на Шар Планина е неправедно спрема неа. Неправедно е и спрема сите нас, бидејќи некој го краде нашето заедничко јавно добро, прави личен профит, а при тоа нанесува непоправлива штета на природата“ пишува Бошко Видоески.

Тој бара неговиот апел да стигне до што е можно поголем број на луѓе за да изврши притисок.

„Белким некој таму горе, ќе нѐ чуе, ќе се запраша дали прави нешто околу ова, што прави, и дали штити некого. Сведоци сме дека притисокот на јавноста на социјалните мрежи и новинарите, знаеше да биде и од ефективна корист, во ситуациите кога властите ретерираа околу некоја своја дискутабилна одлука, или преземаа активности за да решат некој проблем. Шар Планина заслужува еден таков обид на јавноста за притисок кон надлежните. Иако овој пат ќе се обидеме и институционално да дејствуваме. Колку и дали ќе бидеме сослушани, не знам. Наше е да се обидеме. Ѝ требаме на Шара“ пишува Видоески.

Според него во последните 16 години, а забрзано во последните 9 нанесена е штета што не може да се надомести ни за наредните 60 години. Како што пишува Видоески, се работи за околу 600 хектари исечена шума, главно букова, дрво кое е најквалитетно за огрев.