„Ослободување на Скопје“ ќе го отвори годинашниот фестивал „Браќа Манаки“

Од:

Филмот со кој ќе се отвори годинашното издание на фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“ е „Ослободување на Скопје“. Филмската екипа на новиот македонски филм ќе се поклони на сцената во Центарот за култура во Битола, на чело со режисерскиот тандем синот и таткото Данило и Раде Шербеџија.

Овој нов македонски филм е копродукција со хрватскиот аудио визуелен центар, Филмскиот фонд на Финска и финската национална телевизија YLE, а е поддржан од Европскиот филмски фонд за копродукции „Еуроимаж“.

Директор на фотографија е Дејан Димески, автор на музиката е Влатко Стефановски, монтажер Николас Гастер, дизајн на продукција Иван Бартлинг, костимографија Жељка Франуловиќ, а кастингот е на Киријана Николовска. Продуценти се Роберт Насков, Горјан Тозија, Владимир Анастасов и Игор Нола. Во главните улоги настапуваат првпат на филм, 11-годишниот Давид Тодосовски и веќе потврдените и искусни актерски имиња на Силвија Стојановска, Раде Шербеџија, Луција Шербеџија, Небојша Глоговац, Мико Ноусаинен, Петар Мирчевски, Јани Вирман, Денис Абдула, Аксел Мехмед, Дејан Лилиќ и други. Овој филм е снимен според познатиот текст на Душан Јовановиќ, а сценариото е на Душан Јовановиќ и Раде Шербеџија.

По култниот кинематографер Роби Милер, втор лауреат на на наградата „Златна камера 300“ за животно дело е австралискиот и светски кинематографер Џон Сил. Тој е визуелен творец на исклучителната филмска сензација „Лудиот Макс: Патот на бесот“, за кој е номиниран за Оскар, а добитник е на Оскар за психоморалната воена драма „Англискиот пациент“. Овој филм годинава одбележува 20 години од освоениот Оскар за кинемaтографија.

„Movie On – Feel the light, Feel Bitola“ (Почувствувај ја светлината, почувствувај ја Битола) е слоганот на 37-то издание на Интернационалниот филмски фестивал „Браќа Манаки“, што годинава се одржува од 10 до 17 септември во Битола.