НВО: Американската полиција лани уби рекорден број цивили

Од:

Американската полиција минатата година убила најголем број луѓе во модерната историја на земјата, според непрофитна организација која следи и објавува податоци за смртоносното полициско насилство од 2013 година.

Податоците од организацијата „Мапирање на полициско насилство“ за 2022 година покажаа дека полицајците убиле дури 1.176 лица, што е најголема бројка што организацијата досега ја забележала. Самуел Синјангве, креаторот на проектот, рече дека бројката ги вклучува сите убиени од полицијата, со огнено оружје или со други средства.

Според организацијата, полицијата во 2022 година убивала по 3,2 лица дневно, а во целата година имало само 12 дена во кои не била пријавена фатална средба со полицијата.

Повеќе од една третина од жртвите биле убиени за време на рутински запирања во сообраќајот, при проверки на менталното здравје и благосостојба или други ненасилни прекршоци. Сите три причини за полициска акција се цел на реформи во неколку држави, со оглед на тоа што се покажа дека се смртоносни за цивилите, особено за оние кои не се белци.

Податоците на организацијата покажуваат дека црнците сочинувале непропорционален дел од полициските жртви минатата година, со 24 отсто од загинатите, и покрај тоа што сочинуваат нешто повеќе од 13 отсто од населението. Еден од тројца убиени од полицијата бегале од полицијата во моментот на нивната смрт, при што Црнците, Хиспанците, Индијанците и жителите на Пацифичките острови имаат 5 до 8 отсто поголеми шанси да бидат убиени додека бегаат или при возење отколку белците.

Најалармантен податок е бројот на полицајци кои одговарале за убиствата. Иако некои од најпознатите случаи на полициска бруталност резултираа со пресуди во последниве години, вклучувајќи го и оној против Дерек Шовин во 2021 година, сè уште нема правни последици за повеќето полицајци. Според податоците, 98,1 отсто од полициските службеници одговорни за смртта на граѓани во периодот од 2013 до 2022 година не се соочиле со обвиненија. Помалку од 0,3 отсто од полицајците се осудени.

Петте полициски одделенија во земјата со најмногу фатални инциденти се лоцирани во некои од најгусто населените градови. Полициската управа во Лос Анџелес е на врвот на листата со 15 убиства минатата година, а по неа е полициската управа во Хјустон со 14 и полициската управа на Њујорк со 13. Припадниците на полицискиот оддел во Албакерки и полициската управа на Феникс убиле 11, односно 10 лица.

Иако 2022 година беше рекордна, податоците покажуваат дека полициското насилство е во пораст на национално ниво од 2019 година. Минатата година полицијата убила 1.140 луѓе, што е само пет смртни случаи помалку од претходниот рекорд поставен во 2018 година.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Морничава сцена на плажа, исчезна пред 2 недели, водата го исфрли масакрираното тело

Предраг Петровиќ

(ВИДЕО) Во Америка блокада на воениот брод кој носи оружје за Израел: Престанете со убивање луѓе

Предраг Петровиќ

Русија против американската резолуција за Израел и Газа во ОН

Помпео: „Америка ја изгуби моќта да ја контролира Русија“

Пукање во средно училиште: Убиен средношколец

Предраг Петровиќ

Романци се уапсените за кражбатата на накитот вреден еден милион долари