Манастир „Св. Богородица Пречиста“ – духовен светилник на Кичево

Од:

Низ манастирските порти се влегува по духовен мир, а низ нив се излегува со уште поголем спокој, ќе ви признаат сите кои барем еднаш го посетиле манастирскиот комплекс „Св. Пречиста – Богородица“, Кичевско. И ќе додадат како Македонија има многу цркви и манастири со своја историја и убавина, ама, сепак, манастирот „Св. Пречиста Богородица“ е нешто друго. Таа отсекогаш била и останува светилник, духовен извор на македонските црковни достоинственици. И, нема да згрешат.

На значењето на овој духовен вруток на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија не случајно се потсетуваме денеска, во пресрет на верскиот празник Воведение на Пресвета Богородица- Пречиста. Ден, четврти декември ( 21 ноември по стариот календар). Овој празник исто така, спаѓа и во дванаесетте големи христијански празници. Според преданието на Православната црква, како и според сведоштвото на црковната историја, кога Пресвета Дева Марија наполнила три години, нејзините родители Јоаким и Ана ја довеле од градот Назарет во Ерусалим, за да ја предадат во служба на Бога, според нивното претходно ветување. На денот на воведувањето на Дева Марија во храмот, присуствувале и многубројните роднини и пријатели, кои ги имале Јоаким и Ана, а тука невидливо биле присутни и Божјите ангели.

Ретко богат манастирски летопис

До таму се стигнува на десеттина километри по одминувањето на Кичево во правец кон Битола. Од левата страна, кај селото Друговона првата крстосница треба да се сврти лево и патоказот ќе ве упати кон падините на планината Цоцан каде што сред дабова шума на 920 метри надморска височина е распослан манастирскиот комплекс „Св. Пречиста Богородица“.

За кратко, амбиентот ќе ве одушеви еднакво како и ретко каде богатиот манастирски летопис што сведочи за подалечното и поблиското минато на манастирот. Подалечното, таму уште пред многу векови, го пишувале многу црковни лица: монаси, ѓакони, архимандрити…, но и значајни македонски преродбеници како Јоаким Крчовски, Кирил Пејчиновиќ, Партение Зографски и други. А поблиското, со она што се нарекува извор на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.

Манастирот во неколку наврати бил уништуван и одново подиган, ограбуван и оштетуван, но секогаш исполнет со живот, бил вистински културно просветен центар. Од неговите пазуви речиси низ цела Македонија, а посебно низ западниот дел, наголемо се ширела словенската писменост и се создавале вредни црковни и други дела. Имал развиена препишувачка школа, работело и калиско училиште, со знаење и писменост бесплатно се задојувале многу деца од околните места.

Трагите кои црковните достоинственици и македонските преродбеници ги оставиле, се на дофат во манастирската библиотека. Тука има бројни житија и други стари и вредни црковни книги кои сведочат за дејноста и значењето што го имал и го има манастирот. Меѓу позначајните е Четвороевангелие од 14 век, а заедно со фреските на Дичо Зограф и Аврам Дичов, царските двери, престолот на великодостојникот…на свој начин го издигнувале манастирот во доблесни духовни височини. Манастирот „ Св. Богородица -Пречиста“ во Кичевско посебно интересен и по тоа што во неговите темели има дел од крстот на кој е распнат Исус Христос.

Моќта на иконата со сребрени раце и ореол

За основањето на манастирот има повеќе народни преданија од кои најраширено е она со Кнежински манастир „Св. Ѓорѓи“. Во овој манастир, кој се наоѓал во подножјето на планината Бистра, над Кичево, имало икона на Св. Богородица. По неговото разурнување, сите мислеле дека таа е трајно изгубена, но иконата на Св. Богородица, која и денес се наоѓа тука, незнаено како сама се префрлила и застанала на една врба на местото на сегашниот свет извор во манастирската црква. Луѓето ја зеле оттука и ја носеле на друго место, појужно од манастирот, каде што сакале да градат храм. Меѓутоа, таа постојано се враќала на врбата крај изворот, и така се’ додека на тоа место не бил изграден сегашниот манастир, во 1316 година.

Оттогаш се верува дека таа, заедно со изворот лековита вода под куполата на манастирската црква, поседува чудотворна моќ за исцелување на разни болести, а и дека е вистински чувар на манастирот.

Иконата е од 1642 година, од засега непознат иконописец. Нејзината особеност е во изработката. Таа е двослојна, односно сликана е во два слоја. На едната страна е Св. Богородица со дете, а од другата Исус Христос. Под самата икона запишано е сведоштвото на Дичо Зограф кој потврдува дека во 1868 година ја реставрирал и ја пресликал, затоа што таа била доста оштетена.

Деловите на иконата околу рацете и ореолот на Св. Богородица се опковани во сребро. Токму во нивните испаклини, верниците со векови наназад оставале пишани пораки со молитви и желби до светицата, а и пари. Од текстовите, напишани на различни јазици и со различно писмо, од арапско до македонско, може точно да се види кој се’ го посетил манастирот и на кому се’ му притребала помошта од Мајката Божја.

Според црковните списи, инаку, со обновата на црквата во 1848 година, иконата си го нашла своето почесно место на еден камен до самиот извор, во еден мал олтар. Или, токму онаму каде што таа самата и со божја промисла сакала.

Според преданијата на луѓето од овој крај, чудотворната моќ на иконата е пренесена преку чудотворните солзи на Богородица кои лечат духовни и телесни болки. А лековитата вода, се раскажува, излекувала од разни болести голем број на луѓе кои дошле тука. Без разлика на нивната верска припадност.
Особено важно дотолку повеќе што раритетноста на манастирот Пречиста е во тоа што црквата е поделена на два дела. Едниот е христијански храм, а вториот е муслимански сакрален простор, за припадниците на исламската вероисповед.

Самото живописување пак на манастирската црква го направиле Дичо Зограф од мијачкото село Тресонче кој ги насликал златните иконостас и икони и свој белег ставил на резбаниот владички трон. Самиот иконостас го изработил Дојчин Зулфа од село Лазарополе.Најголемиот број од иконите Дичо Зограф ги насликал во периодот меѓу 1848 – 1865 година. Неговото дело го продолжил Аврам Дичов, кој ги завршил фрескосживописот на куполата и наосот.

Лулка на македонските владици

Како и повеќето духовни храмови низ Македонија и манастирот Пречиста има бурна историја на опстојување. Низ вековите, светилиштето на два пати било пеплосано, во 1558 и во 1564 година, од страна на османлиите, и повторно целосно обновено од верниците и народот овдешен, во 1848 година.

„Света Богородица – Пречиста“ важи за лулка на македонските владици. Тоа се навестува од мермерната плоча на влезот на манастирската црква. На неа крупно испишаните букви сведочат: „Во овој манастир ’Св. Богородица Пречиста’ – Кичево замонашен е на ден Благовести 1924 година, поглаварот на Македонската православна црква (во обновената Охридска архиепископија) архиепископот Охридски и Македонски господин Доситеј, од страна на јеромонахот Григорие“. Првиот поглавар на МПЦ. Оттука почнува неговиот пат до владика, кога во Охрид ќе му бидат предадени архиепископските одличија. Во таа историска црковна пригода ќе избеседи вистина што ќе се памети со генерации: „Јас денес од Вас го примив Христовиот јарем кој со голема љубов кон Црквата и својот народ ми го ставивте на вратот. Го примив со голема љубов и не се плашам од него, бидејќи Христовиот јарем и товар се лесни кога се носат со пожртвувана љубов“. И тој свој почеток на долгиот црковен пат г.г. Доситеј никогаш нема да го заборави. Ќе доаѓа во „Света Пречиста“ и од овдешната убавина и тишина ќе ја црпи својата духовна енергија. Истото што ќе го прави секој следен поглавар.

Всушност, ова е продолжување на историјата и традицијата на манстирот Пречиста како центар на духовноста во западниот дел од Македонија. Манастирот, безмалку, држи нитка речиси со сите поглавари или владици на МПЦ од прогласувањето на нејзината автокефалност. Тука или биле замонашувани, или посветувани на повисоки чинови, или едноставно доаѓале во длабоката тишина да им се препуштаат на духовните медитирања.

Кај луѓето од овдешниот крај се уште се свежи сеќавањата на тивките прошетки, молитви и медитирања и на вториот поглавар на МПЦ – г.г. Ангелариј, прво како митрополит Дебарско-кичевски, под чија управа бил манастирот, а потоа и како поглавар. Еднакво како и на г.г. Михаил и на дедо Тимотеј, чиј духовен пат е поврзан со овој духовен центар. Имено, г.Тимотеј тука е замонашен, а потоа и посветен во јерејски чин пред да биде хиротонисан за владика.

МИА

Би можело да ве интересира

Корчок: Се надевам дека преговарачката рамка ќе биде усвоена за време на португалското претседателство

Димитров и Османи во Брисел на средби со Борел и Лајчак

Португалското претседателство со ЕУ ќе настојува да почнат преговорите со Северна Македонија

Вицепремиерот Димитров ја потпиша Рамковната спогодба за превод на правото на ЕУ

СДСМ: Најавата на ВМРО-ДПМНЕ дека нема да го признае пописот е доказ за антидржавно и деструктивно однесување

Катерина Ѓуровски

(ВИДЕО) Пендаровски: Не смееме да ги заборавиме скапо платените лекции, мора да сме системски подготвени за следната криза