Касарна „Боро Менков“ во Куманово домаќин на Командата за југоисточна Европа (СЕЕБРИГ)

Од:

Во кумановската касарна „Боро Менков“ од денеска почна со работа Командата за југоисточна Европа (СЕЕБРИГ).

На свечената церемонија која се одржа во касараната присуствуваа претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, Председавачот на процесот СЕДМ, Петро Кочи, началникот на генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, воените аташеа на земјите учеснички во бригадата, претставници од дипломатскиот кор и од локалната самоуправа.

Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска во обраќањето истакна дека командата се враќа дома и дека се случува во годината кога државата стана членка на НАТО.Со Бригадата, рече министерката, почнати се чекорите за мултинационална соработка, јакнење на тимскиот дух и професионализмот во одбраната.

-Ова за нас носи голема одговорност, но и покажува дека ние можеме да го зголемиме нашето влијание и да станеме силен фактор за регионалната стабилност и соработка. Тоа ќе го направиме и преку присуството на главната команда на SEEBRIG во нашата земја, но и преку зголемување на нашето учество во НАТО операции во регионот, рече министерката Шекеринска.

Таа се заблагодари на припадниците на Бригадата за нивниот придонес, како и на сегашниот и сите минати команданти на SEEBRIG. На досегашниот командант, романскиот бригаден генерал Тудорика Петраче кој денеска ја предаде функцијата на бригадниот генерал Аристедеис Илиопулос, му се заблагодари за, како што рече, видливата енергија и оптимизам со кои ја водел Бригадата.

Председавачот на процесот СЕДМ, Петро Кочи се заблагодари на државата за преземените напори и услови за преземањето на командата. Тој истакна дека бригадата промовира регионална стабилност и соработка која се потврдува низ повеќегодишното функционирање.

Пред присутните се обрати и Петраче, кој истакна дека во претходниот период Бригадата учествувала во многу вежби и изрази задоволство од постигнатите резултати. Тој им честиташе на персоналот за нивната посветеност, за завршените задачи, кои ги оставиле настрана културните различности и работеле заедно и му посака успех на новиот командант, бригадниот генерал Илиопулос.

Новоназначениот командант на Бригадата, бригадниот генерал Аристедеис Илиопулос порача дека SEEBRIG пред 21 година беше креиран со цел да придонесе кон регионалната стабилност и безбедност, како и со цел да ги унапреди добрососедските односи помеѓу земјите – членки. Тој се заблагодари на земјата- домаќин на Командата за досегашната поддршка и ефикасната адаптација во новата работна средина.

Бригадата на Југоисточна Европа е формирана во 1999 година, врз основа на договорот за регионална соработка на полето на одбраната познат како договор за мултинационални мировни сили на Југоисточна Европа (ММСЈИЕ), кој во 1998 година во Скопје го потпишаа Министрите за Одбрана на: Албанија, Бугарија, Грција, Италија, Северна Македонија, Романија и Турција. Според Договорот за формирање на бригадата, локацијата на Командата на СЕЕБРИГ е на ротациона основа, а нејзини домаќини досега беа: Пловдив, Констанца, Истанбул и Лариса.

Би можело да ве интересира

НАТО соопшти дека не ги гледа условите за поканување на Киев во Алијансата

НАТО: Украина да обезбеди војници, ние испраќаме само средства

Горан Наумовски

Нордиските и балтичките земји ја поддржуваат улогата на НАТО во поддршката на Украина

Русија: Немаме намера да влегуваме во конфликт со НАТО

Прогласена епидемија на голема кашлица во Куманово

Катерина Ѓуровски

Четири години од членството во НАТО – Земјава не е само фактор на стабилизација на регионот, туку и поттик за државите во соседството