„Херитиџ“: Македонија на 41. место во светот според економските слободи

Од:

Северна Македонија е рангирана на 41 место во светот на листата на Глобалните економски слободи во 2020 година изработена од Фондацијата „Херитиџ“, со седиште во Вашингтон.

Според класификацијата, изработена врз основа на 12 критериуми, земјава има коефициент од 69,5 индексни поени што ја рангира на 41 место меѓу 180 земји во светот и на 23 позиција меѓу европските држави.

Во однос на претходниот извештај земјава бележи пад на индексот за 1,6 поени, но и натаму е во рангот над просекот на државите од регионот и далеку над просечните показатели во светски рамки.

Северна Македонија има добиени високи индекси во категориите „даночно оптоварување“ (91,5), „фискална кондиција“ (87,7), „трговски слободи“ (86,2), „слобода за деловно работење“ (81,6) и „монетарни слободи“ (77,7). Индекси од над 60 поени земјава има и во категориите „владини трошоци“ (71,0), „слобода на пазарот на трудот“ (67,0), „инвестициски слободи“ (65,0), „сопственички права“ (62,5) и „финансиски слободи“ (60,0). Единствено пониски индекси земјава бележи во категориите „судска ефикасност“ (42,7) и „владин интегритет“ (42,2).

Фондацијата посочува дека со ваквиот ранкинг земјава е класифицирана во категоријата на „умерено слободни“ економии (индекс од 60 до 70), иако нејзиниот бруто домашен производ умерено расте во последните пет години. Во претходните три години земјава беше во категоријата „претежно слободни“ економии, за што е потребен индекс од најмалку 70 поени или само 0,5 индексни поени повеќе од нашиот, а падот според „Херитаџ“ се должи на намалување на индексите во категориите „сопственички права“, „судска ефикасност“ и „владин интегритет“.

Од земјите во регионот од нас подобро рангирани се само Бугарија (36. место со индекс 70,2) и Романија (38. место со индекс 69,7). Словенија е 52. со индекс 67,8, Косово 53. (67,4), Албанија 57. (66,9), Србија 65. (66,0), Турција 71. (64,4), Босна и Херцеговина 82. (62,6), Хрватска 84. (62,2), Црна Гора 91. (61,5) и Грција на 100. место со индекс од 59,9, што ја прави единствена држава од регионот во категоријата „претежно неслободни“ економии (индекс од 50 до 60).

Послабо рангирани од нас се и држави како Малта, Полска, Белгија, Португалија, Шпанија, Словачка, Франција и Италија.

На самиот врв на листата се Сингапур, Хонг Конг, Нов Зеланд, Швајцарија, Австралија и Ирска, кои се шесте единствени држави или територии во категоријата „слободни“ економи (индекс над 80), а топ 10 листата како „претежно слободни“ економии (индекс од 70 до 80) ја надополнуваат Велика Британија, Данска, Канада и Естонија. На самото дно како „репресивни“ економии (индекс под 50) се Република Конго, Еритреја, Куба, Венецуела и Северна Кореја.

Како забелешки за земјава „Херитаџ“ ги посочува ограничената судска независност, политизацијата на Судскиот совет и несоодветното финансирање на судството, а како сериозен проблем ја наведува и корупцијата и неказнивоста за коруптивни дела.

– Во однос на владините трошци, земјата многу троши за финансирање на јавни инфраструктурни проекти и поддршка на социјалните програми. Покрај тоа, потребно е посилно спроведување на антикорупциските норми со цел да се поттикнат странските директни инвестиции во индустриите ориентирани кон извоз, оценува „Херитиџ“.

Фондацијата посочува дека трошоците за добивањето на дозволи за градба во земјава се намалени поради пониските давачи за земјиштето, но нагласува и дека пазарот на трудот се соочува со недостиг на стручни кадри за некои грамнки.

– Бирократијата го ограничува динамичниот раст на новите инвестиции и покрај реформите во сферата на инвестиции. Финансискиот сектор е зајакнат во последниве години, а влијанието на владата е ограничено главно на донесување на грижливо осмислени и ефикасни регулативи, заклучува Фондацијата „Херитиџ“.

Би можело да ве интересира

Над 2.500 земјоделски и прехранбени производи се очекува да поевтинат со новиот закон за нефер трговски практики

Орце Костов

Работниците со ниски приходи ќе добијат 3.555 ваучери за туризам од 300 евра

Орце Костов

Субвенции за клими: За југозападна Македонија ваучери од 25.000 денари, за останатите 2000 помалку

Орце Костов

Путин: Русија ја престигна Германија и стана првата економија во Европа

Горан Наумовски

Николовски: Очекувам цена до 400 денари за тутун од прва класа и минимум за 20 отсто повисоки откупни цени за годинава

Секој граѓанин треба да плати за тоа што потрошил: Бектеши повика да се реши проблемот со струјата во Слупчане

Орце Костов