Г7 денеска ќе расправа за плановите за ограничување на цената на руската нафта

Од:

Министрите за финансии на Групата седум најразвиени економии се очекува денеска да ги потврдат плановите за ограничување на максималната куповна цена за откуп на руската нафта во глобалната трговија, со цел да се намалат приходите на Москва, која води војна во Украина, но и за ублажување на притисокот врз енергетскиот пазар.

„Веројатен е договор“, рече европски претставник на Г7, додавајќи дека не се знае колку детали ќе бидат откриени, како што е нивото на горната цена за барел над кој земјите кои се придржуваат до договорот ќе одбијат финансирање и осигурување за танкери на руска сурова нафта и товар.

Британскиот министер за финансии Надим Захави вчера во Вашингтон рече дека се надева оти министрите за финансии на Г7 „ќе имаат изјава што ќе покаже дека е можен побрз напредок кон оваа цел“.

Портпаролката на Белата куќа, Карин Жан-Пјер вчера одби да ги коментира плановите за ограничување на цените на Г7. – Ќе слушнеме повеќе в петок за тоа како ќе функционира ова, преку партнерство со нашите сојузници во Г7. Веруваме дека ова ќе биде начин навистина финансиски да ја погодиме Русија, рече портпаролката на Белата куќа.

И покрај падот на обемот на извозот на нафта од Русија, нејзиниот приход по оваа основа се зголеми во јуни за 700 милиони долари во однос на мај, поради цените што пораснаа како резултат на војната во Украина, објави минатиот месец Меѓународната агенција за енергетика.

Г7 се состои од Велика Британија, Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија и Соединетите Американски Држави.

Некои претставници на Г7 рекоа дека за воспоставување таква граница потребна е поширока поддршка и се сомневаат дали мерката би можела да биде успешна без учество на главните потрошувачи на нафта Кина и Индија, кои најверојатно нема да го поддржат планот.

Но, други претставници на Г7 рекоа дека Кина и Индија изразиле интерес за купување руска нафта по уште пониска цена, во согласност со ограничувањето.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

Доларот на највисоко ниво во последните пет месеци, раст на цената на нафтата

Катерина Ѓуровски

Цените на нафтата на највисоко ниво во последните пет месеци

Скок на цената на нафтата, се намали вредноста на златото

Катерина Ѓуровски

Паднаа цените на нафтата

Поскапува Еуросупер БС-98, цените на другите горива не се менуваат

Горан Наумовски

Светски берзи: Доларот ослабе, цената на нафтата порасна

Катерина Ѓуровски