Ес-енд-пи Глобал повторно го намали кредитниот рејтинг на Русија

Од:

Ес-енд-пи Глобал (S&P Global) го намали кредитниот рејтинг на Русија уште подлабоко во неинвестициската категорија поради прекинот на плаќање на каматите на обврзниците и новите меѓународни санкции после руската инвазија врз Украина.

Пред помалку од една недела, S&P го намали рејтингот на Русија на „ББ +“, спуштајќи го на неинвестициската категорија. Во четвртокот го спуштија за уште еден степен, на „ЦЦЦ-“.

Оценката сигнализира дека издавачот на должничката хартија „во моментов е ранлив и намирувањето на неговите финансиски обврски зависи од поволните деловни, финансиски и економски услови“.

Руската инвазија врз Украина и донесе на Москва и на голем број руски компании и банки многу санкции, меѓу кои блокирање на пристап до глобалниот систем за наплата СВИФТ. Голем број светски компании ја напуштаат Русија, а Московската берза е затворена од почетокот на неделата.

Централната банка на Русија во средата привремено го забрани плаќањето на купонските каматни стапки на странските сопственици на руски државни обврзници, без да прецизира колку долго ќе трае забраната.

Покрај мерките кои Москва ги воведе за заштита на рубљата, способноста на Русија да ги исполни своите обврски може дополнително да ја ограничат и новите мерки на Г7.

– Оценката (за руските должнички хартии од вредност) е намалена по воведувањето мерки кои, според наше мислење, веројатно значително ќе го зголемат ризикот од неисполнување на обврските, објаснуваат од S&P.

Тие сигнализираа дека можат дополнително да го намалат рејтингот.

До крајот на март на Русија за наплата и доспеваат повеќе од 700 милиони долари државни обврзници. Нејзините големи резерви ќе и овозможат покривање на овие плаќања, но замрзнувањето на некои средства и други мерки можат да влијаат на нејзината способност да ги изврши.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

Русите спречиле терористички напад: ФСБ уапси три лица

(ВИДЕО) Нова драма во Русија: Евакуиран трговски центар по дојава за експлозивна направа

Катерина Ѓуровски

Објавена снимка од дрон од ужасот и пустошот во Москва

А1он

140 повредени во терористичкиот напад, полесно повредените добиваат амбулантска нега

А1он

Пендаровски го осуди нападот во московската концертна сала Крокус

А1он

Киев одговори на Русија: Тврдењата за наша вмешаност не заслужуваат ни критика

А1он