Дебрца се буди: Со секојдневни случувања ќе се бориме за еколошки чиста Дебрца

Од:

Со свечено отворање во „пет до дванаесет!” часот, жителите на општина Дебрца, во недела, 21 јули, отвораат уште една манифестација – “Гомлезијада”, во селото Годивје, токму од просторот за кој некој наумил да гради регионална депонија. Во 8 часот наутро, манифестацијата започнува со правење на народниот, локален, специјалитет – ѓомлезе, меѓу населението познато јадење и како тури – потпечи. Манифестацијата е од натпреварувачки карактер.

Според програмата, 20 – ина припаднички на понежниот пол, од сите села на општина Дебрца, со своите реквизити – сач и пирустија, како и другите потребни садови и алатки, ќе подготвуваат гомлезе според личен рецепт, додека организаторот обезбедува брашно, зејтин, сол и дрва.

Во дегустацијата, оценувањето и одбирањето на победници за најдобро направено ѓомлезе, транспарентно, ќе учествуваат сите посетители, по што следи доделување на наградите – за прво, второ и трето место.

За целото време, гостите ќе ги забавуваат фолклорни групи, како Група Прима Бенд, Елена Јовческа, Дарко Стојаноски, Спасе Матлиоски и други.