Црквите и верските заедници апелираат за смирување на состојбите

Од:

Црквите и верските заедници во Република Македонија застапени во Уставот, во заеднички апел повикаа за смирување на состојбите, покажување добра волја и разумност во одлуките и постапките, воздржување од дејства што можат да ја загрозат државната, но и безбедноста на луѓето, домовите и семејствата.

Во заедничкиот апел кој денеска го пратија до медиумите наведуваат дека со внимание ги следат настаните кои, како што посочуваат, веќе подолго време ги обременуваат секојдневието и живеењето на сите граѓани.

Тие ги повикуваат политичарите и партиите да го покажат своето човекољубие и родољубие и во духот на почитувањето и толеранцијата да преземат заеднички и неодложни мерки, засновани врз легитимни државни и законски прописи, во надминувањето на искушенијата и опасностите што демнат.

Според нив, само така, сплотени и единствени, достојно ќе покажеме пред целиот свет дека мултиетничкото и мултирелигиозното општество во кое живееме може да функционира и опстојува.

– Сето тоа веќе се потврдило во нашата заедничка историја. Затоа, и ние како генерација, да покажеме преку личниот пример и со своите дела, а за доброто на нашата татковина, дека сме доследни и достојни наследници на нашите претходни генерации, дека сме вистински верници и патриоти. Впрочем, единствено така ќе покажеме дека сме достојни и на родот и на верата на кои им припаѓаме, стои во заедничкиот апел.

Ова, посочуваат, е историска можност да покажеме дека навистина ја сакаме нашата заедничка татковина – Република Македонија, без разлика на која национална и верска заедница припаѓаме.

– Треба да сфатиме дека вистинско заедничко живеење се постигнува единствено во мир, со почитување на различностите и на правата на секој поединец, без скратување и нарушување на правата и достоинството на другите, стои во заедничкиот апел на црквите и верските заедници во Република Македонија.

Би можело да ве интересира

Новоназначен в.д. муфтија за Тетово пријавил во полиција дека бил попречуван да почне со работа

Тетовскиот муфтија обвини за незаконска смена од ИВЗ

Владиката Тимотеј за рускиот свештеник: Ние немаме информации дека бил шпион

Орце Костов

„Работи во Софија, а патува до Скопје за да внесе раскол во МПЦ“: Кој е рускиот свештеник Змеев кој доби забрана за влез во Македонија

Орце Костов

Расчинет свештеник крстел и венчавал со „благослов“ од г.г. Стефан: Венчаните се невенчани, крстените некрстени

Орце Костов

(ВИДЕО) Академик Ќулавкова: Се загрозуваат правата на жената

Горан Наумовски