„Астерфест“ почнува утре со филмот „Телефонско дежурство“

Од:

Со македонската премиера на осумминутниот краток игран филм „Телефонско дежурство“, ќе почне прикажувањето на кусометражната филмска програма од годинашното петнаесетто издание на струмичкиот интернационален фестивал за краток филм „Астерфест“ кој ќе се одржи онлајн од 28 до 31 август, под мотото „Движења, патеки“.

Пред прикажувањето на филмот организаторите предвидуваат кратко обраќање на авторката Мораг Меккинон од Единбург, на лауреатот на наградата „Астер“ за животно дело, Пиро Милкани од Тирана, како и на режисерот Ленар Камалов од Москва.

Во натпреварувачката програма се и кратките играни, анимирани и документарни филмови: „Мари“ на Панајотис Краварис, „Месечински капки“ на Јорам Евер-Хадани, „Неонски срца“ на Ана Јакимска, „Обој ги змејовските очи“ на Џемс Лукас, „Божикниот подарок“ на Богдан Мурешану, „Улис“ на Хорхе Малпика, „Прозорецот на соседите“ на Маршал Кари, „Колахолик“ на Марчин Подолец, „Еден од многуте“ на Петра Злонога, „Потеклото на човекот“ на Пјотр Сапегин, „Неумолива независна вселена“ на Дамјан Краковјак, „Дневни задачи“ на Петја Златева, „Рибата лист“ на Лизи Хобс, „Странско тело“ на Кристијан Гомез Агуилар, „Терариуми“ на Хана Ховит, „Кругот“ на Ланре Малаолу, „Оди, трчај, ча-ча“ на Лора Никс, „Зомбија“ на Балоџи, како и „Лисицата и гулабот“ од Шериданската аниматорска школа.

Покрај официјалната, во ретроспективната програма ќе има и неколку впечатливи кусометражни остварувања од изминатите години на Фестивалот, меѓу кои и филмови на авторите Стефан Шашков и Јани Бојаџи, на авторките Билјана Гарванлиева, Ана-Марика Графманс, Тамара Суламаниѕе и Хуанита Вилсон, но и оние на тандемот Претсел–Мекдауел, како и на Ено Милкани. Исто така, во соработка со Кинотеката ќе бидат прикажани три антологиски кратки филма од Бранко Гапо.

Интернационалното стручно жири ќе ја соопшти одлуката за наградите в понеделник вечер, веднаш по последниот краток филм во конкуренција, „Циркуски движења“ на Лукас Бергер и Марио Гаџо де Карваљо.

Онлајн филмските содржини ќе може да се следат секоја вечер со почеток од 19:30 часот, преку линкот https://www.asterfest.com/online.html.

Би можело да ве интересира

„Златна потковица“ на „Астерфест“ за македонскиот анимиран филм „Кружно патување на монахот“

Ана Ололовска

Во Струмица отворен Интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“

Ана Ололовска

Во Струмица почнува Интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“

Ана Ололовска

Наградата „Астер“ за Данчо Чеврески

Ана Ололовска

Фестивалот „Астерфест“ со промоција во неколку светски филмски центри

Ана Ололовска

Ревија на филмови од 13-тиот фестивал „Астерфест“

Ана Ололовска