Anonymous предупредуваат на напади во недела во Франција, FBI не потврдува за Атланта

Од:

Групата хакерски активисти Anonymous предупредија во саботата вечерта дека екстремната сунитска група Исламска држава се подготвува да изврши нови терористички напади во Франција, САД и уште неколку земји, пренесе Макфакс.

Во саботата споменатата хакерска група објави дека откриле извештаи на интернет ресурси кои ги користат џихадистите од Исламската држава кои говорат за подготвување напади во недела на три манифестации во француската престолнина Париз, на група за правата на жените и на два музички настана.

Покрај ова, како цели во извештајот на весникот International Business Times се наведени и боречки (кечерски) настан во американскиот град Атланта, во сојузната држава Џорџија, цели во Италија, во Рим и во Милано, во Индонезија, како и на Универзитетот на Светиот Дух во Каслик, близу либанската престолнина Бејрут.

Anonymous-и претходно во вторникот објавија дека хакирале повеќе од пет илјади акаунти кои ги користи Исламската држава.

„Ова е предупредување до сите оние кои се поврзани со наведените настани, кои одат на масовни настани, вклучително и на црковните богослужби, но ризикот дека црквите во близина на Париз ќе бидат цели е многу низок“, се вели во извештајот. Во него, исто така, се наведува дека информациите кои се добиени од онлајн ресурсите коишто ги користи Исламската држава, укажуваат на тоа дека е планирано сите напади да бидат изведени во недела на 22-ри ноември.

Групата нагласува дека сите информации биле споделени со властите „пред неколку дена“, но дека целта на нивното објавување во јавноста е „луѓето кои се поврзани со овие настани да знаат дека постои опасност од напади“, како и да ѝ се порача на Исламската држава дека „светот знае и може да ги одврати овие напади“.

Anonymous-и ѝ објавија војна на Исламската држава по серијата терористички напади од 13-ти февруари во Париз во кои беа убиени 130 луѓе и уривањето на рускиот патнички авион од 30-ти октомври во Египет со 224 луѓе, ветувајќи дека ќе ги открие одговорните за овие напади.

Американското Федерално биро за истраги (FBI) не може да ја потврди информацијата на хакерите од Anonymous за плановите на терористичката група Исламска држава за предизвикување експлозија за време на кечерските борби во арената во Атланта, се наведува во писмениот одговор на Бирото на прашањето на телевизиската мрежа WSB-TV..

„FBI е запознаено со извештаите за наводните закани, вклучително и за еден настан во Атланта, Џорџија. Ние ги сфаќаме сериозно сите закани, но во овој момент немаме јасни и точни информации за вакви напади“, се додава во одговорот. Се појаснува дека извештаите се истражуваат и тесно се соработува со безбедносните органи, како и со приватниот бизнис во Атланта за осигурување на безбедноста на граѓаните.

Компанијата „World Wrestling Entertainment“ којашто се занимава со организирање борби и првенства на професионалните кечери, одби да го откаже настанот, кој е планиран за 19.30 часот во Атланта во неделата по локално време (1,30 часот по македонско време во понеделник). Компанијата објави дека турнирот ќе се одржи во предвидениот термин, а оти таа заедно со сојузните, федералните и локалните власти спроведува истрага во врска со споменатите информации.