Како Русите нѐ спасија од Груевски?

Како Русите нѐ спасија од Груевски?

Во ситуации кога требаат да ја одбранат лојалноста кон сопственото политичко убедување, има некоја сличност во менталниот склоп помеѓу поразените сили на т.н. вмровци-груевисти и некои претставници на новите ветришта на промени, олицитворени во самоубедени победници т.н. еврофанатици и либерали. Идентичноста на овие две разлики е во нивната нетолерантност и агресивност кон поинаквото мислење од нивното. За вмровците-груевисти има стотици такви примери, всушност тоа е субстратот на нивната политичка култура, меѓутоа, со самото тоа што се сега во опозиција, тие се pase и неатрактивни за да бидат коментирани. За овие другиве т.н. еврофанатици и либерали, распослани по многуте невладини организцаии, здруженија, портали, политички партии, пример кој пластично покажува за каква ментална матрица станува збор е неодамнешниот избор на д-р Драги Рашковски за генерален секретар на Владата. Промптно по неговото именување, тие во јавноста создадоа хистерија против неговиот избор, при што аргументацијата не им беше ниту евентуална некомпетентност, неискуство, конфликт на интереси, неисполнување на некоја законска одредба, нераспишување на јавен конкурс за кандидатот, туку единствениот и главен аргумент беше неговиот настап во далечната 2006 година на ораторска вечер, на која тој, како студент, говорел текст со анти евро-атлански ставови. За нив ова претставувала главна и непремостлива пречка за лицето да биде избрано на новата функција, а револтот бил упатен и кон новиот премиер, зашто се согласил со таквиот избор. Кутриот Рашковски, принуден да се брани, јавно објаснуваше дека тоа не бил негов текст, туку, по случаен избор, на него му се паднал да го говори на студентскиот натпревар. Кумановци би рекле: „Сви гу целиваше, на батета му била среќа да гу узме за невесту“. Тонч!

Да беше некој друг на негово место, кој држи до својот интегритет како професор на правен факултет (Французите би рекле – noblesse oblige) и да не бил тоа негов текст, принципиелно би им одговорил дека стои зад изговореното, затоа што тоа е негово право на јавен настап и дека оној кој за тоа го напаѓа всушност му го ускратува правото на слобода на говор, и е самиот таков за каков сака него да го претстави – противник на европските вредност, преточени и во фамозната Европска конвенција за човекови права и слободи. Така и никако поинаку би требала да звучи принципиелна реакција на интелектуалец со демократски капацитет кога треба да се бранат човековите права. Имајќи чест лично да го познавам, замислувам како би им одговорил еден професор од калибарот на Ѓорѓи Марјановиќ, кога би бил прозван за нешто слично – односно, дали би бил, својствено за него, рафинирано циничен или од прва би ги отерал во три лепе?! Но, тоа се господа од стар ков, со формат каков се поретко вирее во конформистичката академска атмосфера на УКИМ.

За наша жал, политичката толеранција и на некои од овие новиве не се разликува многу од претходните – дека секој е неподобен кој не размислува идентично како нив, исто како што беше и во време на едноумието во социјалистичка Македонија, кога се немаше право на работа или напредување во кариерата ако јавно си оценет дека не си на линија на идеологијата на партијата, или, ако се враќаме поназад во историјата, ќе најдеме сличност и со времето кога сѐ што не било во согласност со црковното учење било забрането. Лош нѝ е стартот ако и во денешна ослободена Македонија ставови карактеристични за едноумието, застапуваат активисти и портали кои и според името се декларираат за либерални.

Го земав примерот со Рашковски, како повод за да се укаже уште во мугрите „на новото Сонце на слободата“ дека субјектите кои настапуваат од позиција на еврофанатици и либерали не смеат да се умислат дека се најправичните Апостоли кои ќе одлучуваат кој е подобен или неподобен за одредена јавна функција, врз основа на нивниот еврометар кој ќе измери дали и колку некој е еврофанатик или евроскептик. Мора да се воспостави она што никогаш не сме го имале – за буџетско платена работа секој да е подобен да се вработи само и единствено ако ги исполнува законските услови и има компетенции за работната позиција. И толку. Сѐ друго би било ретрограден процес кон омразенот нѝ груевизам, за кој е познато по кои критериуми регрутирал кадри за јавниот сектор.

Вториот впечаток од хистеричните реакциите на овие еврофанатици и либерали е дека по смена на власта креираат доминантен јавен став дека за сета несреќа што нѐ снајде со Груевски и ВМРО-ДПМНЕ, главни виновници се антиевропските сили, поддржани од дипломатијата и тајните служби на Русија и Путин. Одеднаш целиот проблем со бившата власт се сведува само на последните две-три години, во кои тие посочуваат дека постоела засилена активност на Русија во Македонија, и нејзина поддршка на Груевски, поради интересот на Русија да не влезе Македонија во НАТО. Така, на една истражувачка сторија, во која се пишува за српско-руски шпионски игри за „македонско сценарио“ и која е амбицирана да даде одговор на сите прашања за руската инволвираност во Македонија, ако ѝ се пријде во читањето и со најповршна анализа на содржина, ќе се заклучи дека сите аргументи, факти, претпоставки, индиции кои се изнесени за вмешаноста (да ги прифатиме и за точни и релевантни), се однесуваат на руското присуство во Македонија во последниве три години. Безмалку, секој параграф во оваа сторија содржи и некаква временска одредница кога некоја руска активност се случила и, за чудо, сите тие се однесуваат на последните 3-4 години: „27. Април“ о.г., „декември 2016.“, „пролетта 2015.“, „во последните години“ (?!), „за време на тепањето на опозицијата и во тој период„, „2014“, „2013“ (најдалеку се стига до оваа година), „јуни 2016“, „неодамна“, „минатиот месец“, „секојдневен“. Тоа е временската рамка на руското роварење во Македонија. Анализата завршува со цитат од интервју на премиерот Зоран Заев, дадено за Еуроњуз дека „…ако се остави вака, како што беше случај во минатото, со тој низок интерес на ЕУ и САД за овој регион, Руската федерација ќе има сѐ поголем простор да наметнува свои интереси“.

Токму оваа констатација на Заев е клучна за да им се упати прашање на овдешните еврофанатици и либерали: дали злото наречено груевизам нѝ се случуваше само во последниве три години, откога, како пишуваат, е забележена и засилена активност на руските служби во земјава, или злото е во зародиш уште со самото освојување на власта во 2006? И, доколку одговорот на првото прашање би бил дека виталноста на груевизмот е подолга од три години, бонус прашање – дали и колку злото било толерирано од ЕУ, НАТО и САД? По принципот на симплифицирана аналогија, би заклучиле дека ништо Русите не земале или освоиле што САД, ЕУ и НАТО не им го оставиле на послужавник или Исток не би нѐ запишал доколку Запад претходно не би нѐ отпишал.

За нивна жалост, но за воља на вистината, груевизмот треба и мора да се анализира многу години поназад од последниве три и треба чесно да се види колку, како што се нарекува во спомнатата анализа, нашиот јавен интерес за евроатлански интеграции, бил загрозен не само од руските служби, туку и од нашите западни пријатели и партнери?!

Кого го служи сеќавањето, ќе се сети на 2009 година, кога во светски рамки се случуваше екномска криза, со силен импакт врз ЕУ. Тогаш, стопанот на ЕУ, Ангела Меркел, изјавуваше дека ЕУ е заморена од проширување и дека ѝ треба период да се посвети на самата себеси и од тие причини, по приемот на Хрватска, ќе настапи подолг мораториум за прием на нови членки. Тргањето фокус од Македонија, беше јасно упатена порака од Брисел до Груевски дека може да прави што сака со Македонија, само да не ги замара со силни реформи за прием во ЕУ, бидејќи не ќе знаат што да нѝ прават (нешто што ентузијастички го спроведуваше претходната влада, пред сите Радмила Шеќеринска).

Оваа западноевропска политика на егоистично гледање на регионов, беше во морален континуитет со онаа черчилова изјава: „Бидејќи немам намера да живеам во комунистичка Југославија, не ме интересира каква влада тие ќе воспостават по војната, се додека во војната партизаните им нанесуваат штета на Германците“. Референтната година за тешкиот живот на Македонецот под Груевски започнува во 2008., иако Прогрес репортите на ЕУ, опортунистички, никогаш тоа јасно не го констатираа. Кого не го служи помнењето кратко, ќе се сети и на извештајот на Стејт Департментот од 2011 година, кој претставува некаква претходница на Извештајот на Прибе и во кој се констатираат сите аномалии и дефекти на тогаш веќе забревтаната диктатура на Груевски. Сепак, без никакви обиди за спречување на злото од страна на нашите пријатели и партнери, бидејќи ниту Меркел ниту Обама живееа под режимот на Груевски, а тој редовно и послушно ги земаше кредитите со високи камати од нивните банки.

Затоа, депласирани се приказните за некаква неинформираност на западните политичари за она што нѝ се случувало со Груевски! Па, многумина кои работеле изминативе години во невладиниот сектор можат да посведочат (вклучувајќи го и авторот) дека просечно еднаш месечно се имаат сретнувано на кафе било со прв или втор секретар на некоја западна амбасада, која им била донатор на проект, или со некоја западна странска делегација, дојдена во мониторинг, и кои барале да бидат брифирани за состојбите во општеството, не само од Премиерот, Владата, Опозицијата туку и од цивилниот сектор. Само на најнаивните, со широко затворени очи пред злото на груевизмот, видиците им ги отворија т.н. бомби од 2015., а на останатите тоа им беше видливо многу порано. Со партизански речник кажано, ’бомбите’ го означија почетокот на општонародното востание, но илегален отпор против окупаторот си постоел и пред тоа. Затоа, брифинзите со странските соговорници и пред 2015. никогаш не беа дефицитарни со точни информации за какво зло се работи, а сепак, кога ќе им се прочитаа извештаите на нивните влади за Македонија, тие наликуваа на шеќерна водичка од која се добива горчина во устата. Каде попатно по дипломатските канали се губеа вехементните осуди за Груевски од амабасадорите Филипини и Фуере, за да добиваме јавни оценки на нивните влади дека сѐ е во ред во Македонија!? За да се убедат неверните Томи, но и како баланс на потсетувањето на говорот на Рашковски од 2006., треба ли да се погугла и објави што сѐ изговорија западните званичници за Груевски и неговата Влада?

И сега, ако сака некој да укаже на таквата недоследност на ЕУ, НАТО и САД, му се заканува реална опасност да биде прогласен за евроскептик, непријател на јавниот интерес, недемократа, приврзаник на минатиот режим, но и vice versa – погодни за новата владина админситрација можат да бидат само главоклимците-еврофанатици, кои некритички и амнезивно го опсервираат ангажманот на Западот кон Груевски.

Затоа, ако се пронајде некој критички говор од 2006 година, за непринципиелноста на ЕУ и НАТО, тој од денешна временска дистанца не треба да се прогласи за евроскептичен туку за визионерски, кој уште пред десетина години антиципирал како ЕУ и НАТО ќе нѐ пуштат низ вода да страдаме од злосторствата на груевизмот. Русите доаѓаат многу подоцна и тие се вистинската причина за мобилизирање на нашите западни пријатели и партнери, а не некакво сожалување поради нашето патење! Да не почнеше Груевски да кокетира со Москва, а Хорхе да му намигнува на Путин, се си мислам дека и денес за Брисел состојбата во Македонија ќе беше регуларна, а Груевски легитимен премиер.

д-р Ненад Живановски

Поврзани вести

Софијанова не е пејачка која треба да има фанови и... Елементарно непознавање на работите: утрово затекнав „жалопојки" за промената на Софијанова. Тажаленки од многу родители чии деца за среќа се живи. За...
Утврдување лична и поединечна одговорност за секој... Поделбата на власта на законодавна, извршна и судска не смее да биде само деклараторно. Главното мото на државата и на власта треба да биде граѓан...
Мерал Груби: Ми ветија „Живот во Македонија“ и од ... Мерал Груби, која поради презимето ја поврзуваат со функционерот на ДУИ, Артан Грубу појаснува дека нејзиниот сопруг е роднина со него, но дека таа не...
Крајот на играта Може ли, смее ли да се молчи во вакви моменти кога градскиот ,,татко“ , а без сомнение татко насилник, заедно со својата банда насилници и збирштина о...
Како го запознав министерот за здравство, д-р Арбе... За докторот Таравари првпат слушнав пред неколку години од моите родители, кои не штедеа убави зборови за неговото работење како невролог. Паметам дек...
Отворено писмо до премиерот Зоран Заев... „Почитуван премиере Заев, Ова е отворено писмо до Вас за што ни на момент не се двоумев или колебав да го напишам. Напротив, чувствував посебна од...