Познати издавачи од Франција, Србија и од ОAE – гости на фестивалот „Про-за Балкан“

Познати издавачи од Франција, Србија и од ОAE – гости на фестивалот „Про-за Балкан“

Во рамки на Интернационалниот литературен фестивал „Про-за Балкан“ од 28-ми до 30 мај, и оваа година ќе се одржува програмата „Скопје фелоушип“ на која гости ќе бидат тројца познати издавачи – Емануел Колас од Франција („Галад едисион“), Тамер Саид од Обединетите Арапски Емирати („Групација Калимат“) и Ненад Шапоња од Србија („Агора“).

Организаторот на фестивалот „Икона“ соопшти дека целта на програмата е да ги запознае важните имиња од светот на издаваштвото со македонската книжевна сцена, од што се очекува да произлезат нови преводи, гостување на писатели од Македонија во странство, промоција на литературата од Македонија, вмрежување на писателите и културните работници од сферата на издаваштвото и книжевноста со нивните колеги од Европа и светот.

Емануел Колас ја основал „Галад едисион“ во 2005 година. Издавачката куќа има портфолио од повеќе од 150 книги (12 книги годишно). Од балканските автори, меѓу објавените, се Пеа Галанаки од Грција, Дубравка Угрешиќ и Игор Штикс од Хрватска, Зоран Живковиќ и Владислав Бајац од Србија, Ангел Вагенштајн и Албена Димитрова од Бугарија. Од Турција, Хакан Ѓундај, Мурат Ујуркулак, Ајфер Тунч и Муратан Мунган.

– Од Македонија веќе сум ги прочитала Луан Старова, Живко Чинго, Ташко Георгиевски, Гоце Смилевски, Горан Стефановски, Александар Прокопиев, Винка Саздова и Лидија Димковска. Многу сум љубопитна за современата македонска литература и затоа посетата на Македонија, а особено на учеството на програмата „Скопје фелоушип“ би можела да биде многу корисна за мене, за да дознаам и разберам повеќе за историјата, културата и политиката, литературата и издаваштвото во Македонија, ја пренесува „Икона“ изјавата на Колас.

Колас е ангажирана и во тековните работи во врска со објавување акутни, смели и брилијантни есеи на современите личности, како Едуар Глисан, Ноам Чомски и Едвард Саид. Идентитетот, егзилот, миграциите, границите, припадноста: тоа се темите на каталогот на „Галад“.

Тамер Саид е дел од издавачката индустрија на Обединетите Арапски Емирати петнаесетина години. Почнал да работи во Jerboa Books, Дубаи, како издавач, пред да стане менаџер за продажба во „Китаб“, организатори на Меѓународниот саем на книгата во Абу Даби. Во 2010 година бил назначен за менаџер за планирање и развој на Асоцијацијата на емиратските издавачи (ЕПА) и на одборот за книги за млади луѓе на ОАЕ. Вршел надзор на неколку иницијативи за развој на издавачката индустрија во Емиратите и бил вклучен во менаџирањето на наградата за арапска литература за деца Етисалат.

Ненад Шапоња е сопственик и главен и одговорен уредник на издавачката куќа „Агора“. Уредувал и објавил повеќе од 300 наслови, од кои дел се добитници на најпрестижните книжевни награди во Србија.
Шапоња е и поет. За неговата прва книга поезија Гиоцонда (1990) ја добил наградата „Бранко Радичевиќ“. Добитник е и на наградата „Милан Богдановиќ“ и признание од издавачката куќа „Просвета“ за книга на годината за збирката есеи „Bedeker sumnje“ (Патувачка книга на сомнежот, 1997). Неговата библиографија вклучува уште шест стихозбирки, две збирки на критики и есеи, а составил и неколку антологии. Долги години пишувал критички колумни во Политика.

Гостите од „Скопје фелоушип“ за време на фестивалот ќе се сретнат со членови на Македонската асоцијација на издавачи. Наредната недела ќе биде објавено името на добитникот на наградата „Прозарт“, како и сите гости на фестивалот „Про-за Балкан“.

Поврзани вести

ВМРО-ДПМНЕ: Со укинувањето на титулата Национален ... „СДС има пари да вработува и да ангажира дополнителни советници во министерството за култура, докажани партиски војници, учесници во шарената револуци...
Концерти на Хели Сиекинен и на „Т.А.О“ бендот вече... Втората вечер во рамки на џез-викендот на „Охридско лето“ предвидува два концерти и тоа на финската уметничка на хармоника и бандеон Хели Сиекинен од ...
Во Крива Паланка изведена монодрамата „Песни за та... Поеми од Никола Јонков Вапцаров интерпретирани во вид на монодрама насловена „Песни за татковината" од актерот Петар Темелковски беа претставени синоќ...
Изложбата „Спектрум“ на Маја Кировска во Португали... Изложбата „Спектрум“ на Маја Кировска ќе биде претставена на манифестација во Брага, Португалија што се одржува од денеска до 6 септември. На изло...
Заврши 18. Меѓународна ликовна колонија „Ниже Поле... Ликовни уметници од повеќе држави во регионот го завршија учеството на 18. Меѓународна ликовна колонија „Ниже Поле“ која од 2000 година се одржува во ...
Божиновска: Укинувањето на Законот за национален у... Укинувањето на Законот за национален уметник на Република Македонија, претставува врв на понижувањето на сопствените културни дострели од страна на СД...