Лондон: Процесот на Брегзит ќе почне на 29 март

Лондон: Процесот на Брегзит ќе почне на 29 март

Британската Влада на 29 март ќе го активира членот 50 од Лисабонскиот договор со што практично ќе почне процесот за излез на Велика Британија од ЕУ, соопшти денеска Даунинг стрит 10.

– Постојаниот британски претставник во Брисел утрово ја информира ЕУ дека на 29 март Велика Британија ќе го активира членот 50, изјави претставник на Кабинетот на британската премиерка Тереза Меј.

Според официјалното британско соопштение, Владата во Лондон ќе ги извести со писма сите 27 земји членки на ЕУ и ќе побара од нив преговорите за формалното истапување од Унијата да почнат што е можно побрзо.

Стартувањето на процесот за Брезит стана можно откако на 16 март кралицата Елизабета Втора формално го одобри Законот за процесот за излез на Велика Британија од ЕУ, што преходно беше усвоен од двата дом на британскиот Парламент.

Претседателот на Долниот дом на британскиот Парламент, Џон Берков, по одобрувањето на Законот од страна на кралицата, потврди дека Меј може да ги почне преговорите за Брегзит во „кое било време“.

Пред девет месеци на референдумот за ЕУ одржан на 23 јуни, 51,9 отсто од Британците се определија за напуштање на Унијата, додека 48,1 отсто беа за задржување на британското членство.

Мнозинството Шкотланѓани и Северноирци беа за останување на Обединетот крластво во Унијата. За Брегзит гласаа мнозинството Англичани и тоа не само евроскептците, кои доминираат кај гласачите на владејачката Конзервативна партија, туку и традиционални поддржувачи на лабуристите од североисточните делови на Англија и во Велс.

Лондон се надева дека преговорите ќе завршат за две годиним што значи дека Велика Британија на почетокот од април 2019 година ќе биде надвор од Унијата.

Кандидатурата за членство во тогашната Европска еконономска заедница (ЕЕЗ), Владата во Лондон првпат ја поднесе во 1963 година, во времето кога премиер беше конзервативецот Харолд Макмилан.

Десет години траеја преговорите за британски влез во заедницата, најмногу поради ветото на Франција и на нејзиниот тогашен претседател Шарл де Гол, кој не веруваше во определеноста на Британците да бидат дел од европскиот континент, нивната голема блискост со САД и стравувањето дека во ЕЕЗ Велика Британија ќе го вовлече и целиот Комонвелт.

Членка на ЕЕЗ Велика Британија стана во 1973 година, кога спогодбата за членство ја потпиша конзервативниот премиер Едвард Хит.

Референдумот за напуштање на сегашната ЕУ го покрена поранешниот премиер Дејвид Камерон, во надеж да ја смири десницата во својата Конзервативна партија и верувајќи дека Британците ќе се определат за останување во Унијата.

Во кампањата Камерон агитираше за останување во ЕУ, а по поразот поднесе оставка и беше заменет од Тереза Меј.

Медиумите во Лондон најавуваат дека таа ќе им се обрати на пратениците во Парламентот по покренување на членот 50.

Поврзани вести

Експерти: Светот има само три години за да го спас... Светот има само три години за да ги намали емисиите на јаглерод диоксид пред да стане предоцна, предупредува група климатолози и научници, јави ДПА. ...
Путин: Странски разузнавачки служби се обидуваат д... Рускиот претседател Владимир Путин ги критикуваше обидите да се влијае на општествено-политичкиот живот во Русија, кои според него, се вршат од страна...
Северна Кореја: Ќе ја погубиме поранешната претсед... Северна Кореја денеска соопшти дека се обврзува дека ќе ги погуби поранешната претседателка на Јужна Кореја Парк Гуен-хе и шефот на јужнокорејската ра...
Билансот на жртвите во лондонскиот пожар нема да б... Конечниот биланс на загинатите во катастрофалниот пожар во лондонската станбена повеќекатница „Гренфил Тауер“ нема да може да биде познат „барем до кр...
Трамп ја прифати поканата на Макрон да присуствува... Американскиот претседател Доналд Трамп ја прифати поканата на францускиот претседател Емануал Макрон да присуствва на одбележувањето на Денот на падот...
Меркел: Иднината на 27-те земји од ЕУ е приоритет ... Германија и другите земји од ЕУ ќе ги водат преговорите за излегување на Велика Британија од Унијата во атмосфера на пријателство, но сепак, приоритет...