Балканци – исти луѓе со слични разлики

Балканци – исти луѓе со слични разлики

Бука – Сараево

Балканот е чудно место. Тоа е едно ќоше на светот кое некако успева секогаш да биде во центар на вниманието. Тоа е еден полуостров во југоисточна Европа кој е толку мал што ако се упатиш преку неговите патишта ти требаат пет дена јавање.

Можеби токму тие контрасти на малите далечини одземаат многу време да се обликуваат и контрастните карактеристики на луѓето кои живеат на овој простор.

Не знам каде на друго место на земјинава топка има толку неснајдени луѓе, а способни, напатени, а добронамерни, стари, а младолики, сиромашни, а дарежливи, тажни, а насмеани. Веројатно маката воспитува да пораснеш во тоа што сакаш да бидеш иако реалноста зборува дека не е можно, а не во тоа што можеш да бидеш иако никогаш реално не си сакал.

Балканот е место каде се уште природата не е допрена, а водата се купува, каде нивите се плодни, а храната се увезува, каде воздухот е чист, но тешко се дише. Како тука да е небото поблиску до човекот, па се чини дека притиска на градите посилно од било каде на друго место во светот.

Балканот е една извртена реалност каде се ѓубрат реките место нивите, каде се уриваат споменици за да се изградат шопинг центри, каде дното е на врвот. Балканот е простор каде не е пожелно да се издвојуваш, а сепак има посебни.

Каде многу работи не се можат, а повторно има начини. Каде се нешто е забрането, а сепак постои. Простор на кој се родиле многу големи луѓе, важни за овој свет, а на кој денес живеат некои мали луѓе кои околу нив мртви меѓусебно се расправаат чии се.

Балканот е едно место каде религиите се допираат, а верниците си вртат грб едни на други. Темен вилает во кој луѓето ги спојуваат корените, а боговите ги разделуваат. Каде сите меѓусебно се разбираме, но не се сфаќаме.

Каде зборуваме ист јазик кои сите го разбираат, но го пишуваме со различни писма кои не знаат сите да ги читаа. Каде гледаме во исто, а гледаме различно. Каде кога е тешко, луѓето не знаат дали пред Бога да се помолат или да го опцујат.

А на Балканот секогаш е тешко. Затоа таму прво се учат молитвите и пцовките. Балканот е место во кое на секое ќоше се крева чаша ракија за здравје, а никогаш од рак не се умирало толку многу.

Место во кое на непознат од која било точка на светот секогаш му се посакува добредојде, а на најблискиот сосед да му цркне кравата. Балканот е европски пашалук каде порано се гинело за хумани дела, а каде денес повеќе нема идеали за кои би се живеело. Само некако се преживува.

„Проклета авлија“ која ја газеле чизми на секаков окупатор, а луѓето никогаш не ги прегазиле. Една плодна нива каде со векови наназад браќа по оружје ги поместуваа меѓите на дедовината.

За жал. Тука е денес тромеѓе за кое не се знае дали ги крие или ги потенцира разликите меѓу истите луѓе. За нас зборовите војна, бегалци и логор имаат употреба во секојдневниот говор, исто како и зборот леб, Бог и мајка на некои други народи.

Ние сме луѓе кои од толку многу историја не стигнуваат да мислат за иднината. Затоа толку бавно и ни доаѓа.

А истовремено сме луѓе кои делови од својата историја толку многу ги негираат што се подготвени со тоа да ја понижуваат повеќе отколку да учат од неа. Нам историјата не ни е учителка, туку мачителка.

Балканот е место на кое слични народи дозволуваат да ги разделуваат некои фантомски и невидливи работи, а се што е за око видливо и очигледно, негираат дека ги спојуваат. Единствена невидлива работа која не спојува е гладта.

А прва видлива работа која сега не спојува е сиромаштијата. Порано не спојуваа работни акции кои ја богатеа земјата, а денес риалити програми кои го осиромашуваат духот. Слушаме иста музика која помирува, но и политичари кои не раскаруваат.

Заедничко ни е и тоа дека многу добро самите се залажуваме и дека иако се уште не можеме да се договориме каде се границите на нашите новонастанати мали земји, а порано сме живееле во голема за која немаше граници, едно ни е својствено – сите многу често се граничиме со лудоста. И изгледа дека токму во тие моменти ги донесуваме и најважните одлуки.

Поврзани вести

Одложен штрајкот на грчките железничари... Четиридневниот штрајк на грчките железничари, што требаше да трае од денеска до петок, е одложен, соопшти доцна синоќа Синдикатот на вработените во гр...
Еиде: Кипар е блиску до договор, но, сепак, загриж... Специјалниот советник на ОН за Кипар, Еспен Барт Еиде, денеска во Атина изјави дека Кипар останува „многу, многу блиску“ до спогодбата за повторно обе...
Црна Гора и врачи протестна нота на Русија поради ... Поради задржувањето на црногорскиот пратеник Миодраг Вуковиќ, на московскиот аеродром „Домодедово“, Министерството за надворешни работи на Црна Гора м...
За пет дена во Грција по морски пат пристигнале 39... Вкупно 390 мигранти и бегалци пристигнале во Грција по морски пат во последните пет дена, јави грчката новинска агенција АНА-МПА. На островот Самос...
ЕУ и Турција продолжуваат со соработката, изјави п... ЕУ и Турција ја продолжуваат соработката и покрај тензиите во односите, денеска изјави портпаролот на Европската комисија, Маргаритис Шинас, коментира...
Грчки ловец се урна во регионот на Спорадските Ост... Грчки ловец „Мираж 2000“ се урна во регионот на Спорадските Острови, а пилотот успешно се катапултирал, јави ТАСС, повикувајќи се на електронското изд...