Василичарски концерт на Македонската опера и балет

Василичарски концерт на Македонската опера и балет

Традиционални македонски песни во изведба на Андријана Јаневска и Оркестарот на Македонската опера и балет, специјално аранжирани од композиторот Илија Пејовски, се на програмата на вечерашниот концерт кој МОБ го организира секоја година за празникот Василица. Режисер е Љупка Јакимовска, а оркестарот ќе го води диригентката Бисера Чадловска.

Концертот е насловен „Заборавени песни“ затоа што се избрани песни кои веќе ретко се слушаат, како „Ѕвонче ѕвони“, „Да сум бистра вода“, „Легнала Ѓурѓа на рамно гумно“, „Три години, лудо, болна лежам“, „Три билбила поев“, „Слегов долу во визбата“…, а две песни од програмата досега воопшто не се изведени. За една од песните ќе биде употребена тамбура на која ќе свири Стевче Стојчевски, изведувач на традиционални инструменти. Солистката Јаневска ќе ја запознава публиката за композициите, кажувајќи за секоја од нив каде била снимена, кој прв ја испеал итн…

Таа е прв солист со целовечерен настап на традиционалниот василичарски концерт, на кој во минатите години учествуваа неколку солисти. Рече дека е почестена поради тоа и затоа што токму неа за солист на целовечерниот концерт ја избрал композиторот Пејовски, кој бил аранжер на нејзината прва песна („Те сакам бескрајно“, во дует со Пеце Огненов на Скопскиот фестивал во 1998). Со концертот „Заборавени песни“ МОБ ќе одбележи 70 години од раѓањето на Пејовски.

– Тој е наш познат музичар, аранжер, пред се на џез-музика. И поради тоа сакавме да направиме интересен спој со нашите традиционални македонски песни, меѓутоа оние кои се подзаборавени и оттаму е насловот на концертот. Традиционалните македонски песни се на некој начин меч со две острици, имаме примери за многу препеани песни, некојпат тоа звучи добро, некојпат лошо. Линијата е тенка и не треба да се премине во некакво сквернавење. Но, уверувам дека овој концерт ќе биде нешто сосема поразлично и со аранжманите на Илија Пејовски ќе дадеме друг призвук, рече Јаневска на прес-конференција по повод концертот.

Василичарскиот концерт по повод Стара Нова година МОБ го организира од 1993 година и се вбројува меѓу најпосетените концерти. За да ја одбележи традицијата на Василица, кога се крши лепче со паричка, МОБ првпат годинава по концертот ќе организира бесплатен коктел на кој ќе има пита со паричка. Парчиња ќе добијат сите посетители, а среќниот кому ќе му се падне ќе биде кум и ќе добие гратис билети за целата сезона на МОБ.

Поврзани вести

За годишните награди на ДПМ конкурираат 83 дела... На конкурсот за годишните награди на Друштвото на писателите на Македонија пристигнале 83 дела од сите жанрови. Книгите конкурираат за наградите „А...
Расказ на Томислав Османли објавен на италијански ... Италијанскиот електронски портал „Bombagiù“ го објави првиот дел од расказот „Малиот Немо во мундирот на Корто“ или „Океан од слики“ од Томислав Осман...
„Ново киноутро“ во Кинотека до 20 јануари... Кинотеката на Македонија и оваа година за време на зимскиот распуст организира дневна филмска програма „Ново киноутро“. Во рамки на филмската програма...
Промовирани дела од антологиите на светската поези... Промоција на последните два тома од „Антологијата на светската поезија“ на македонски јазик и „Антологијата на македонската литература за млади и деца...
Почина Саша Николовски-Ѓумар... Попладнево неочекувано почина диригентот Саша Николовски-Ѓумар на 50-годишна возраст. Диригентот Саша Николовски - Ѓумар е роден во Битола во 1966 год...
Џоломарите ги избркаа лошите духови од Тиквешијата... Во кавадаречкото село Бегниште денеска се одржа ритуалниот и оригинален пречек на Василица - Џоломари со џоломарската игра ги избркаа лошите духови од...