Недипломатски речник на шефот на српската дипломатија

Недипломатски речник на шефот на српската дипломатија

Радио Слободна Европа – Прага

Најавите за реципроцитет на Србија кон државите во регионот, кои го поддржуваат Косово, се „покажување мускули” за домашна употреба, рекоа соговорници за Радио Слободна Европа (РСЕ) по повод објавата на шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ, за да може Белград да гласа против ставовите на Македонија и Црна Гора во меѓународните организации.

Александар Попов од Центарот за регионализам, вели дека обраќањето на Дачиќ со шлаканици за Македонија и Црна Гора поради признавањето на Косово и гласањето за прием во УНЕСКО, што покажува дека се ближат избори во Србија.

– На тој начин покажува мускули и ја зацврстува сопствената позиција како чувар на националните интереси. Од друга страна, тоа по малку е и задоволување на интересите на Русија која е многу лута на Црна Гора поради што тргна кон НАТО, вели Попов.

Иако се непријатни, како што сметаат соговорниците на РСЕ, заканите на Ивица Дачиќ нема да имаат ефекти на односите на државите во соседството и промена на политиката на наведените земји кон Косово.

Во новогодишното интервју за агенцијата Бета, Ивица Дачиќ кој важи за политичар со силни врски во Москва, се чини најлошо помина за Белград пријателската Македонија, која ја потсети дека Србија погрешила кога ја признала под уставно име:

– На браќата Грци им удривме шлаканица и сега очекуваме да не го признаат Косово, а Македонија секогаш гласа за Косово. Јас морам да кажам дека сме будали, рече, меѓу другото Дачиќ.

Последица од таквото размислување ќе биде во мултилатералните односи Белград да го користи името кое се употребува во Европската унија и Обединетите нации – Поранешна Југословенска Република Македонија.

Денко Малески, поранешен министер за надворешни работи на Македонија, оваа приказна ја гледа како легитимна потреба на Србија за поддршка од Грција во евроинтеграциите, но за жал и како постојано вртење на главата од фактот дека Скопје сепак не може да ја држи српската страна.

– Албанската етничка заедница е втора по големина во Македонија. Таа има силни врски, па и семејни, со Косово. Нашиот примарен државен интерес е да обезбедиме внатрешно единство без кое нашата држава не може да опстане, вели Малески.

Во најавите на Дачиќ за акциите на српската надворешна политика, само малку подобро од Македонија помина Црна Гора, можеби и од причини што моментно нема конкретно прашање по чиј основа Србија би можела да се закани, но недипломатскиот речник е далеку од суптилен кој е посакуван во меѓународните односи.

– Што сега? Црна Гора гласаше за прием на Косово во УНЕСКО и сега ние да кажеме слободно вие продолжете да гласате против нас, а ние и понатаму ве сакаме. Не можам бидејќи би плукнал на себе, порача Дачиќ и потенцира дека не се работи за одмазда, туку за реципроцитет во надворешната политика во која Црна Гора во однос на Србија е исто како Папуа Нова Гвинеја.

Се ова се случува додека Србија во меѓународните кругови има статус на важна алка во ланецот на воспоставување на добри регионални односи меѓу државите настанати од поранешна Југославија која се распадна во војната, на што меѓу другото инсистира и Европа, а се забележува дека е целосно спротивно со реториката на помирување на премиерот Александар Вучиќ. Затоа се отвори прашањето дали министерот за надворешни работи на Србија е соло играч или репрезентира нова државна политика на заострување со соседите.

Ова е само игра на Дачиќ за домашен терен, смета Далиборка Уљаревиќ, директорка на Центарот за граѓанско образование од Подгорица:

– Дачиќ пука од празна пушка. Во оваа констелација на односите во Србија неговата изјава не носи таков вид на закана за да може да ги загрози вистинските односи меѓу двете држави. Би било далеку поинаку такво нешто да кажеше Александар Вучиќ, кој има вистинска моќ да ја обликува внатрешната и надворешната политика на Србија. Со самото тоа, слична изјава на Вучиќ би била сосема поинаку доживеана од страна на црногорските власти, вели Уљаревиќ.

Во одбрана на своите ставови Дачиќ пред себе ја става Србија и потенцира дека се работи само за одговорна држава и национална политика. Во поопширното интервју, во кое исто така апелира на добрососедски односи, се издвојува старата парола која и тој сега ја изрече: „Србија не е черга за секој да може да си игра со нас”.

Но, дали овој остар тон можеби е сигнал дека Србија по изборите во САД и враќањето на Русија на светската сцена се чувствува покомотно во надворешната политика, е едно од прашањата во дадениот развој на состојбите, посебно кон прашањето за Косово, ако проценила дека сега полесно може да ги притисне соседите во регионот.

– Мислам дека тоа едноставно би било сметка без меанџија. Што ќе се случува откако Доналд Трамп ќе ја преземе власта во САД тоа само тој знае, а можеби и не го знае додека не се соочи со фактите. Тоа е се голем знак прашалник, наведе Александар Попов.

По се, можеби пред се за Белград, останува и дилемата дали соседите ќе подлегнат на притисоците и ќе ја променат политиката кон Косово.

– Мислам дека тоа не може да се случи. Бидејќи прашањето е апсолвирано во тој момент кога Македонија го призна Косово. Се останато е веќе една процедура на меѓународна афирмација на новата балканска држава, вели Денко Малески.

Како утеха во моментно лошите односи на Западен Балкан може да звучи веста дека по сето ова немаше долевање на бензин во огнот. Од македонското Министерство за надворешни работи политичарите преку неофицијален извор се повикани да не го рушат пријателството меѓу Србија и Македонија, додека официјална Подгорица остана уште повоздржана, од таму нема коментари.

Поврзани вести

Радев: Бугарија не прифаќа лекции за демократија о... Бугарскиот претседател Румен Радев денеска изјави дека неговата земја нема да прифати лекции за демократија од Турција. - Бугарија не им дели на др...
Албанскиот Парламент одобри четворица нови министр... Албанскиот Парламент денеска одобри четворица нови министри, кои беа предложени по реконструцијата во кабинетот, што беше направена за да им се даде м...
Германија е разочарана од иницијативата на Тачи за... Амбасадата на Германија во Приштина соопшти денеска дека е разочарана од иницијативата на косовскиот претседател Хашим Тачи за Безбедносните сили на К...
Штерц: Можно е за 10 години Хрватска да има само т... Доколку продолжат постоечките трендови на морталитет и иселување на населението, Хрватска за 10 години би можела да има три милиони жители, изјави хрв...
Лајчак: ЕУ се оддалечува од Западен Балкан... Идниот претседател на Генералното собрание на ОН Мирослав Лајчак оцени дека Европската унија се оддалечува од Западен Балкан, простор што е природен з...
Грција се заканува дека нема да ја потпише Римскат... Грција се закани дека нема да ја потпише Римската декларација, која би требало да ја одреди иднината на Европска унија по Брегзит. - Грција останув...